Груевски: Уште пет недели до новото време кое Македонија го заслужува

Уште пет недели ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија ќе го почнат новото време кое Македонија го заслужува, со одлична програма која е реална и остварлива, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на 17. Годишна конференција на Унијата на жени на неговата партија, која попладнево се одржа во СЦ „Борис Трајковски“.

- Со извлечени поуки од грешките и пропустите од минатото, со сериозна сондажа на мислењето на народот за тоа што поддржува, а што не од нашите активности и прилагодување на тоа, со приоритети во политиките и мерките кои се најважни за мнозинството граѓани, со нова енергија и кадровски освежувања. Со нови мерки и политики за натамошно подобрување на квалитетот на животот во земјата и решавање на многу проблеми, рече Груевски. 

Рече дека на 11 декември народот треба да избере меѓу две алтернативи - едната која создавала кризи и сеела омраза и поделеност,  и другата  која се труди, работи, помага и создава, и покрај пречки и опструкции.

- Едните кои се надеваат некој однадвор да ги однесе на власт, и другите кои се надеваат на довербата народот кој ги гласа, и се трудат да ги исполнат дадените ветувања.... На крај на сето ова секој од нас треба да се праша самиот - Со кого ќе ми биде мене лично подобро, со ВМРО или со СДСМ? ... Во суштина ова е едноставен избор и покрај сложените околности во кои се прави. Избор помеѓу две комплетно различни концепти и избор помеѓу двајца кои се кандидираат за Премиер, мене или Зоран Заев, истакна Груевски.

Тој зборуваше за политичкиот опонент Заев за кој рече дека и самиот е свесен дека не може да победи на изборите, затоа што, како што рече, „тој нема што да понуди и затоа што никој не верува дека тој човек може да биде премиер“.

- Затоа што сите знаат дека тоа што денес го кажува, утре нема никаква вредност. Зборот за него не вреди. Тоа е човек кој пред најблиските со гордост вели дека нема проблем да излаже нешто денес и да го заборави утре. Човек кој молел по странци да ја уназадат Македонија во евроатланските интеграции, само за да може да ја критикува нашата Влада. Човек кој нуди насекаде работи кои не може да ги реализира мислејќи дека ќе прелаже некого да гласа за него. Човек кој лицитира со националните интереси и нуди редефинирање на државата, двојазичност на целата територија на земјата, и што уште не, само затоа што мисли дека ќе добие кај едните тоа што не го добил кај другите....Тој човек се вика Зоран Заев и повеќе од 64 проценти во неговата изборна единица имаат негативно мислење за него, рече Груевски. 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача и дека на овие избори се одлучува за Македонија која, како што рече, не потклекнува пред уцени и сценарија, која е силна и која нема да дозволи да ја држат под постојана тензија, да ја редефинираат и променат на полошо.

Време е Македонија да продолжи да оди напред. Доста беше криза. Доста ја влечеа државата надолу. Време е да се остави конфликтноста и поделеноста зад нас и да продолжиме напред со силно темпо. Ако верувате во Македонија Вашиот избор е јасен, рече Груевски на конференцијата на Унијата на жени од неговата партија.