Ќе се градат пет експресни патишта, инвестиција вредна 300 милиони евра

Најдоцна до средината на следната година ќе почне изградбата на пет нови експресни патишта во вредност од 300 милиони евра, најави вчера премиерот Никола Груевски.

Одговарајќи на новинарски прашања во рамките на посетата на општина Неготино, претседателот на Владата информира дека се обезбедени финансии и склучени се договори со меѓународните банки.

- Станува збор за патот од Штип до Кочани, Штип – Радовиш, Ранковце – Крива Паланка, Градско – Прилеп и Охрид – Пештани. Тоа се пет експресни патишта чија градба ќе започне најдоцна до средината на следната година, некои од нив и малку порано. Кога велам експресни патишта мислам на патишта со четири ленти кои ќе бидат со стандарди како за автопат во однос на степенот на кривините и нагорници и надолници. Доколку во иднина има потреба да се прошират со по уште една лента од двете страни тогаш ќе прераснат и во автопат. Тоа би било во оној момент кога би имало голем број возила заради кои ќе има потреба од проширување, изјави Груевски.

Според него, сегашниот број на возила е доволен за четири ленти за експресни патишта.

- Веќе ги потпишавме сите договори, некои од нив ги финансира Светската банка, некои ЕБРД, некои Европската инвестициска банка, како и разни други начини за финансирање, но за сите е обезбедено финансирање и склучен е договор. Поминато е во Собрание и сега следуваат подготвителните работи за распишување јавен повик за изведувач и изведувачот да почне со работа. Тоа се работи за подготовка што траат неколку месеци и потоа ќе почне градежниот зафат, информира Груевски.

Груевски: Продолжува проектот за поддршка на мали и микро претпријатија 

Проектот за поддршка на мали и микро претпријатија продолжува и идната година со давање грантови со што се очекува да се вработат нови 200 луѓе, информира премиерот Никола Груевски во рамки на посетата на општина Неготино.

Одговарајќи на новинарски прашања, Груевски посочи дека досега се вработени околу 580 луѓе во околу 370 компании.

-Тоа е одлична бројка бидејќи се работи за најмали компании кои вработуваат по еден, двајца, тројца или четворица луѓе. Поддршката што ја добиваат од 92.000 денари е доста значајна за нив, со неа можат да купат опрема или репроматеријали и да вработат нови луѓе, рече Груевски.

Ова, појасни премиерот, е специјална програма наменета за најмалите, односно микро и мали бизниси.