До крајот на годината готови Детската клиника во Козле и ПЕТ центарот

Станува збор за Детската болница во Козле, инвестиција вредна 7 милиони евра. 

Премиерот Никола Груевски потенцира дека многу брзо, оваа болница ќе биде пуштена во употреба.

-Таа значително ќе ги подобри условите за лекување на деца кои имаат потреба од лекување во таа установа затоа што е нова, современа, со нова опрема, така што ќе биде навистина една додадена вредност во нашиот здравствен систем, рече премиерот Груевски.

Вториот значаен проект е исто така веќе готов болнички капацитет, а станува збор за ПЕТ центарот.

-ПЕТ центарот е многу значаен за рано дијагностицирање, пред се на малигни заболувања. Не е значаен само за Македонија, туку има и регионално значење затоа што такви центри нема во секоја држава. Во него инвестиравме заедно за објектот и опремата околу 16 милиони евра. Тој е во самиот финиш. Некаде во текот на овој месец ќе биде завршен, пуштен во употреба и ќе следува неколкумесечен тест-период околу 5-6 месеци согласно меѓународните процедури за ваков вид на установи, додаде премиерот.

Владата планира и други проекти во македонското здравство, каде има и големи инвестиции.