Глигорова: Музика, ликовно, спорт, дружење во природа, учење на солидарност и емпатија би требало да бидат главните предмети во школо

Активистката Ана Глигорова упати честитка по повод денешниот Меѓународен ден на детето, но даде свој осврт на воспитанието и образованието на децата. 

- Што е најважно да научи едно дете за да порасне во вистинска солидарна, емпатична, широкограда и стабилна личност? - праша таа и даде свој осврт на темава. 

- Кога ги терате да се натпреваруваат во математика, пишување есеи, странски јазик, кога и покрај школото не можат да земат здив од домашни, курсеви и натпревари, детето нема врема да се игра и да ја стимулира својата креативност. Стимулирањето на математичко логички операции по секоја цена, и дискриминицијата кон тие кои не се најдобри во истите, создава скролачи на инстаграм, кои едвај ќе памтат што напамет научиле во школо. Музика, ликовно изразување, спорт, дружење во природа, учење на солидарност и емпатија би требало да бидат главните предмети во школо. Без оценување, оценаката создава гордост и нарцисоидност. Редовни посети на деца кои се инвалиди, дружба со нив, учење на знаковен јазик за глувите, комуникација и разговор со слепите, помош на болните деца, дружење на тие кои имаат ментална попреченост, размена на емоции, затоа што емоционалната интелигенција е најважна. Развивање на љубов кон природата, секое дете да си има свое дрво, растение кое редовно ќе го наводнува, одржува. Развивање на љубов кон животните, нивно редовно хранење и дружење, пишува Глигорова и додава.  

- Кога детето од 6,7,8 години ќе ги совлада овие лекции од животот, може да почне да учи и математика, да пишува есеи (веќе ќе има сериозно искуство од животот), домашна задача би била таа по солидарност и емпатија, да му се помогне на другиот да совлада читање, пишување и матеметика побрзо.

За ваков свет сонувам, а тие без прекин пишуваат за т.н генијалци како за посебен вид. Секој е посебен во нешто, но најпосебен е кога е човек, топол и сочувствителен, заклучи во објавата активистката Глигорова.