Европска диплома доделена на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска

Град Скопје го доби признанието Европска диплома, кое го доделува Парламентарното Собрание на Советот на Европа во Стразбур, како награда за промовирањето на европскиот идеал и исклучителна меѓународна соработка и активности. Европската диплома во Палатата на Европа во Стразбур, се доделува од 1955 година и од нејзиното отпочнување до денес, градот Скопје е прва општина од Македонија која го добива ова признание.

Европската Диплома и беше доделена на Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, како признание за особена активност во промовирањето на Eвропскиот идеал и вредности. Тоа што ја издвои нашата апликација од стотиците кои ги оценува и избира Парламентарното Собрание на Советот на Европа се многубројните проекти со збратимените градови, активностите со европските градови, соработката и партнерства кои вклучуваат размени во образованието, младинска работа и културни активности. Бројните Европски настани вклучуваат учество во Европската недела на локална демократија, учеството во меѓународните хуманитарни акции како одраз на солидарност и членството во европските и меѓународни организации.