Димитриевски: Преспанскиот договор не се почитува и исполнува од грчка страна

Лидерот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, синоќа во емисијата Клик Плус, изјави дека според него, ова што им се прави на граѓаните на земјава со вадењето на личните документи, е срамота. И смета дека вадењето на новите документи требаше да биде финансиски покриено од државата.  

„Првенствено целиот тој процес требаше да биде завршен и финансиски покриен од страна на државата, да не се изложуваат граѓаните на дополнителен трошок бидејќи тие не се виновни за тој договор што се случи. Одговорноста е на власта, на политичката елита која што владее. Срамно е да ги гледаме вака граѓаните каде стојат во коли и се туркаат за да добијат личен документ, а уште поголем срам е нефункционалноста на министерството за внатрешни работи да ја спроведе целата постапка. Истата не е изнудена од вчера, таа беше планирана подолг временски период. Треба да им се каже на граѓаните „Да, имате рок толку време, дополнително се пролонгира рокот и сето тоа ќе биде бесплатно бидејќи вие не сте виновни за тоа што морате да ги промените сопствените документи“, изјави тој. 

Тој дополнително посочува и дека Преспанскиот договор не се почитува и исполнува од грчка страна, за кои вели дека немаат имплементирано ништо од нивните обврски по однос на договорот, а граѓаните го гледаат тоа.

„Договорот има две страни и двете страни имаат обврски. Од другата страна немаме мрднато ни милиметар. Оваа година сите ја посетивме Грција и сеуште не постои табла ниту со република Северна Македонија, туку пишува едно знакче Скопје. И таму централната власт ја префрла топката на регионалната или локална власт во делот на Солун, а локалната власт пак ја префрла топката на централната власт. И затоа според мене овој договор можеби можел да се уреди со дополнителни договори и анекси да се допрецизираат некои работи”, додава тој.