ЦЕНТАРОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ АЛАРМИРА: Опасна за пиење водата на Водно и Нерези

Небезбедни за пиење се водите од чешмите кај паркингот на Средно Водно и во Нерези кај Скопје бидејќи содржат фекални бактерии, предупредуваат лекарите од скопскиот Центар за јавно здравје.

Резултатите од последните анализи на водата од овие чешми се алармантни бидејќи се пронајдени бактерии што никако не смее да ги има во вода за пиење - псевдомонас аерогиноза и ешерихија коли. Извештајот е испратен и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој треба да наложи да се постават табли со предупредување „водата е забранета за пиење“.

Граѓаните што вчера напладне ги затекнавме покрај чешмата на паркингот на Средно Водно не беа информирани дека не смеат да ја пијат водата.

- Нема табла, а гледам и други луѓе поминуваат и ја пијат, па еве и јас ќе се напиев да не ми кажавте дека не е исправна - ни рече момче од Скопје.

И лекарите од Центарот каде што редовно се вршат лабораториските испитувања на овие и други води за пиење како да беа малку изненадени од резултатите.

- Ова е првпат по подолго време да добиеме вакви резултати од овие места. На паркингот на Средно Водно е неисправна водата од јавната чешма - најдовме присуство на колиформни бактерии (од фекално потекло). Исто така, и водата од преливната цевка што е во каналот од десната страна, блиску е до паркингот, е опасна за пиење бидејќи има ешерихија коли и псевдомонас аерогиноза, кои спаѓаат во фекални бактерии. А за бактеријата псевдомонас нема толеранција - не смее воопшто да ја има во водата! И чешмата во кругот на црквата „Света Богородица“, под паркингот на Средно Водно, содржи од опасната псевдомонас и никако не смее да се пие - тврди д-р Љупчо Kостадиновски, шеф на одделот за хигиена во Центарот за јавно здравје во Скопје.

Избегнувајте ја и чешмата во „Македонско село“ - и таа вода не е исправна за пиење, но таму, за среќа, има табла со предупредување.

- За овие резултати јавивме веднаш во Општината Kарпош, а испративме допис и до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој треба да постави табли со предупредување. И чешмата до џамијата во Горно Нерези не е безбедна за пиење - и во таа е пронајдена псевдомонас и ешерихија коли. Уште една чешма од која не смее да се пие вода е онаа на патот за Долно Нерези - тоа е каптиран извор во кој има колиформни бактерии, од некаде се слева оваа вода, се собира во мал резервоар кој треба да е под контрола. И оваа вода е загадена со бактерии од фекално потекло - вели Kостадиновски.

Со цел да се спречи појавата на евентуални заболувања како последица од неисправната вода за пиење, лекарите препорачуваат задолжително хлорирање на водата.