„Лидл Северна Македонија“ купи објект во скопската општина Гази Баба од компанијата „Скопски пазар“ за 9,5 милиони евра. Станува збор за објектот каде што до неодамна беше сместен продажниот салон на „Бриколаж“, и за кој подолго време се зборува дека ќе биде еден од маркетите на „Лидл“ во Скопје.
За зделката денеска преку Македонската берза информираше „Скопски пазар“, при што во објавата се вели дека станува збор за голема зделка за која котираните компании имаат обврска јавно да известат.
Според информацијата доставена до Берзата, одлуката на Надзорниот одбор на Скопски пазар за продажба на објектот била донесена на 18 април, при што предмет на продажба е недвижен имот евидентиран на КП 1306/1 и КП 1306/2 КО Гази Баба и соодветно запишани на имотен лист 8882 КО Гази Баба и имотен лист 1077 КО Гази Баба.