Бислимовски: загрижувачки е што ЕВН Хоме ќе купува 15 проценти од струјата на слободниот пазар

 


 

Марко Бислимовски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, на денешниот брифинг со новинарите рече дека и самиот е зачуден од владината одлука на седница ЕСМ од 1 јули на ЕВН Хоме да му продава поскапа струја за потребите на домаќинставата и малите потрошувачи за 60 евра, наместо досегашните 57 по мегаватчас. Но, како што рече тој, и од тоа ЕСМ да не ги покрива целосните потреби на ЕВН Хоме како универзален снабдувач, туку само 85 отсто.

"Ова цена од 60 евра што ЕСМ ќе му ја продава на универзалниот снабдувач може да се „исхендла“, но ме загрижува тоа што остатокот од 15 отсто од потребите на ЕВН Хоме ќе се купуваат на слободниот пазар. Од фјучерсите што ги гледаме за третиот и четвртиот час, таму цените се од 90 до 100 евра за мегаватчас", вели Бислимовски.

Првиот човек на РКЕ вели дека без потребната анализа не може да се каже точно колку ќе биде поскапувањето на електричната енергија на регулираниот пазар од 1 јули, но вели дека добро е тоа што во цената ќе се вкалкулира новата профитна маржа на ЕВН Хоме како универзален санбдувач од 11 на 9,9 отсто.

Бислимовски додаде дека нема да стане збор за ценовен шок и ги повика трговците и производителите да не прават злоупотреби со шпекулации.

"Сакам да ги демантирам највулгарните и најбезобразните шпекулации дека цената на лебот е поврзана со цената на електричната енергија. Произведувачите на леб ја купуваат струјата на слободниот пазар. Во моментов цените на електрична енергија на слободниот пазар е далеку пониска одколку што беше во 2023, 2022 и 2021", рече Бислимовски.

Тој додаде дека Македонија може да биде прва земја во Европа со три часа евтина тарифа во текот на денот, но дека за тоа се прават анализи и тоа би се спровело некаде околу крајот на годината.