„Лидл“ планира да отвори маркет и во Бутел?

Германскиот трговски синџир „Лидл“ планира да инвестира на неколку локации во Скопје, а една од општините каде што би отвориле маркет најверојатно ќе биде и општина Бутел.

Градоначалникот Дарко Костовски кажа дека „Лидл“ бил заинтересиран да дојде во Бутел и веќе разговарал со високи претставници.

-„Лидл“ е заинтересиран да дојде во Бутел. Неколку пати сум разговарал со високи претставници на компанијата. Станува збор за неколку маркици, но немаме сè уште ништо конкретно. Тие сакаат неколку приватни имоти да откупат, но се надевам дека во брзо време ќе најдеме решение. Општината им гарантира брз, ефикасен и транспарентен процес за да стигнат до изградба на ваков објект, кажа Костовски.

Од компанијата разгледале неколку локации, но сè уште нема ништо конкретно каде би можел да биде отворен маркетот.

-Тие секогаш доаѓаа подготвени и нè прашуваа за одредени локации, дали е урбанистички изводливо. Имаше пет-шест кои ги понудија што се прифатливи за да може урбанисти да ја подготват целата документација, но сè уште нема ништо конкретно. Локациите најчесто беа околу обиколницата, тие самите имаат направено преглед на општина Бутел. Се чека нивна одлука за тоа каде би сакале да дојдат во Бутел, додава Костовски.