Улицата Даме Груев ќе стане булевар

Улицата Даме Груев предвидено е да се прошири за две нови ленти на потегот од трговскиот центар „Палома бјанка“ до Собранието на Македонија - 17 метри без средишно зеленило. И тоа за сметка на сегашните паркиралишта и паркот на истиот потег. Жителите, по изградбата, ќе се паркираат во катната гаража, која има капацитет за паркирање за 605 автомобили.

Од Градот објаснија дека проблем се уште е зградата на поранешен „Макотекс“, која се наоѓа на улицата и пречи за изведба на булеварот. Но, не имотно-правните односи како лани, туку градската власт се уште нема одлука кое решение да се примени при сечење на еден дел од зградата со цел ослободување простор за булеварот. Се работи за зградата што се наоѓа на раскрсницата на улиците Даме Груев и Македонија, кај кафулето „Kорзо“. Пасажот од таа зграда е над тротоарот и е потпрен на столбови, а за да се прошири улицата тој дел од објектот мора да се урне.

Како што пишува Дневник, Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија (ИЗИИС) изработи три варијанти за решавање на проблемот со зградата, а притоа таа да не се урива целосно.

-Зградата е исклучително стара и се уште немаме конечна одлука за понатамошна изведба на градежните работи. На Градот му е неисплатливо целосно да ја урива, тоа е исклучително скапо, ќе чини колку целиот проект за булеварско решение, затоа предвидено е само еден нејзин дел - изјавија од Одделението за односи со јавноста.

Идејата за изградба на булевар има цел да го претвори центарот на градот во делумна пешачка зона. По завршување на градежните работи, булеварот ќе биде двонасочен, наспроти сегашното еднонасочно решение. Улицата на „Рекорд“ ќе се затвори за автомобилски сообраќај, односно по неа ќе се движат само автобуси, а автомобилскиот сообраќај ќе се префрли на Даме Груев. Тоа е и замислата на градоначалникот Kоце Трајановски за претворање на потесното централно подрачје во пешачка зона, а со цел - намалување на аерозагадувањето и на моменталниот метеж во метрополата. Според урбанистичкиот план, на „Димитрија Чуповски“ на „Рекорд“, е и трасата на трамвајот.