Ти која имаш раце поневини од моите...

И која си мудра како безгрижност
Ти која умееш подобро од мене
Од неговото чело да ја прочиташ неговата самотија
И која ги отклонуваш бавните сенки
На колебање на неговото лице
Како што пролетниот ветар ја отклонува сенката на облаците
Кои пловат над брегот.

Ако твојата прегратка го храбри срцето
И твоите бедра ја запираат болката
Ако твоето име е починка на неговите мисли
Ако твоето грло е ладовина под која лежи
И ако твојата ноќ е глас на овошник уште недопрен од бури

Тогаш остани крај него
И биди попобожна од сите кои пред тебе го љубеле.
Плаши се од врисокот кој се приближува
Кон недолжните постели на љубовта
И биди блага кон неговиот сон.
Под невидливата планина
На работ на разбеснатото море

Шетај по неговата тага
Нека те пресретнат ожалостените плисоци,
Талкај по неговата шума
Добродушните гуштери нема да те повредат
И жедните змии кои јас ги скротив
Пред тебе ќе бидат понизни.

Нека ти пеат птиците кои јас ги огреав
Во ноќите на остри мразови,
Нека те милува момченцето кое го заштитив
Од интригите на пустиот друм,
Нека ти мириса цвеќето кое јас го полевав
Со своите солзи.

Јас не ја дочекав најубавата доба
на неговата машкост.
Неговата плодност не ја примив во своите пазуви
Кои ги пустошеа погледите на гоначите на стока на сајмовите
И на алчните разбојници.

Јас нема никогаш да ги држам за рака неговите деца
И приказните кои за нив одамна ги смислив
Можеби плачејќи ќе ги раскажам на малите кутри мечиња
Оставени во црната шума.

Ти која имаш раце поневини од моите
Биди блага кон неговиот сон
Кој остана напразен,
Но дозволи ми да го видам неговото лице
Дури на него се спуштаат непознати години

И кажи ми понекогаш нешто за него
За да не морам да ги прашувам туѓинците кои ми се чудат
И соседите кои го жалат моето трпение.

Ти која имаш раце поневини од моите
Остани крај неговата перница
И биди блага кон неговиот сон.