Серија од 9 графички илустрации и фотографии инспирирани од градот Скопје

Серија од 9 графички илустрации и фотографии инспирирани од градот Скопје е последниот проект на Варвара Николова. Неколку од нив одсликуваат клучни знаменитости на градот, како Камениот мост, скопското Кале  и Поштата. Останатите ги прикажуваат  местата покрај кои Варвара секојдневно поминува со својот велосипед, но сакала да им даде поинаква димензија и боја. 

“Сакав да создадам збир од интересни и неочекувани врски на бои, со остри и правилни форми на некои од местата во Скопје кои ми се дел од рутата до работа и дома секој ден. Со интригантните и необични бои создадов скоро три-димензионална слика на одбраните локации со цел да го предизвикам односот кој ние го градиме со овие места. Во Скопје не е се’ црно-бело, па затоа и разиграната шареноликост во моите илустрации. Од друга страна, во некои аспекти сметам дека на Скопје му недостига организираност, па тоа беше причината за острите црти кои воведуваат чувство на ред и структура.”, вели Варвара Николова.

Таа е графички дизајнер и фотограф која стои зад брендот Va.Dot. Позната е по своите дизајни на ликови од Војна на Ѕвездите, Бетмен, како и други ликови на супер херои кои ги објавува на својот инстаграм профил (@Va.Dot).

“Откако веќе ги имав создадено своите ликови, мораше да им се даде и град во кој тие ќе ги употребат своите моќи за добри цели. На Скопје мислам дека баш би му требале уште повеќе супер херои.”, додава Николова.

Графичките илустрации и фотографиите од Скопје на Варвара Николова беа изложени во кафулето Кино Карпош на 16 декември во заедничка изложба ’Sk2US’ заедно со постер дизајните на креативната Дејана Петрушевска.

Сите заинтересирани можат да ги најдат овие, како и други многу други дизајнски дела на Варвара, во поп-ап шопот на Јавна Соба.

nike air max 1 sale