„Убав град кој треба да се посети“, „Магична дестинација на Балканот“, „Исторски град со богата култура и традиција“, вака странците и туристите го опишуваат Скопје и најчесто ова се коментарите на социјалните мрежи. Но, често ние и туристите имаме дилема кои се најважните локации кои треба да се посетат во градот.
На наша иницијатива, но и задоволство блогерката Софија Јанева, на својот инстаграм профил направи интересна листа на локации кои секој треба да ги посети во Скопје. Одлична за споделување со вашите пријатели и инспирација за овој или некој од продолжените викенди кои следат.
Листата на Софија започнува со Камениот мост, кој претставува една од најзначајните знаменитости на градот. Продолжува со Плоштадот Македонија локација која е интересна за туристите и на која се организираат речиси сите хуманитарни акции, културни настани на отворено, концерти. Подолу на листата се наоѓа и Градски Парк Скопје кој се смета за најубавиот јавен парк во главниот град.
На листата се наоѓаат и Старата Скопска чаршија која се наоѓа на просторот од Камениот мост до Бит-пазар, а веднаш до неа е Тврдината „Кале“ која е најстариот симбол на градот.
Скопје е навистина убав град, а туристите го потврдуваат тоа. Ние и Софија ги покануваме почесто да ги посетуваат туристичките места, бидејќи градот навистина има што да понуди и за периодот што следи најавуваме уште многу интересни предлози и соработки.