Македонците се добри луѓе, Скопје е убав град со интересна архитектура, а храната заслужува вистинска „петка“. Ова е генералната порака која Роберт од Бања Лука ја праќа преку последно видео објавено на неговиот youtube канал.
Видеото достигна скоро 50 илјади прегледи, а според коментирате и нашиот впечаток, станува збор за едно од најубавите видеа, досега направени за Скопје.
На кратко - Роберт живее во Босна, а својата работа од 8 до 16 часот ја заменил за да патува низ светот и на својот youtube канал да ја пренесе љубовта кон патувањето, странските јазици, новите култура и луѓето. И тоа го прави одлично.
Во видеото Роберт вели дека Скопје е градот, а Македонија е земјата за кои одамна мечтаел да ги посети. Споделува препораки да се посети Скопското кале, Старата скопската чаршија, Кањонот Матка, Соборната црква, Мустафа-пашината џамија, куќата на Мајка Тераза и убавите места за храна насекаде низ градот. Во тие половина час раскажува за македонските пари, двокатните автобуси, проектот „Скопје 2014“ и скопскиот плоштад за кој вели дека е крстосница на градот.
„Колку другите градови да се убави, мене Скопје е еден од најубавите градови што секогаш ми било желба да го посетам. Што и другите да говорат, јас поминав прекрасно и убаво се чувствував“, вели тој и раскажува за неверојатната топлина и гостопримството на луѓето што живеат тука. Вели дека чаршијата е место во кое може да се вратиш стотина години назад, но и да го доживееш духот на градот. На туристите им препорачува да го пробаа македонскиот симит, македонскиот ајвар и традиционалните јадења кои покрај архитектурата се втората најубава работа во градот.
Роберт а вистински амбасадор на градот и одлично си ја заврши својата работа, за жал многу подобро од неинформираниот домаќин кој говори во видеото и веројатно или не живее во Скопје или се уште недоволно го знае градот, па за жал споделува совети и препораки кои се далеку од добри за туристите кои доаѓаат тука.
Некогаш туристите умеат да направат одлична промоција на градот и државата, дури многу подобра од таа што ние самите ја правиме.