Се бара концесионер за „Скопјанка“

За изворите на минералната газирана вода „Скопјанка“ во Волково нема заинтересиран концесионер, а се дотогаш водата ќе извира и при поголеми поројни дождови ќе ги поплавува нивите на тамошните жители, особено оние што се во подолните делови од населеното место. Водата тече директно во локалните канали, но нивниот капацитет е недоволен да ја прими целата количина при посилни дождови, па таа се излева. Без разлика колку и да се претходно чистени и проодни, тврдат општинарите од Ѓорче Петров.

Kако што објаснуваат надлежните, главен проблем е бигорот во каналите, кој го предизвикува минералната вода. Практично ги затнува, со што тие за кратко време по чистењето стануваат повторно нефункционални.

- Лани ги чистевме каналите, годинава повторно. Во моментов најмивме екипи што ќе изградат т.н. ударни џебови во долните делови од Стопански Двор и Ново Село, кои се под Волково, за да се спречат поплави во нивите. Што е до нас како локална власт, правиме с` што е во наша можност, но сметам дека проблемот би се решил со концесионер, кој би ја експлоатирал водата, би изградил објект на ова место, а не вака да тече во празно - изјави општинскиот портпарол, Момо Николовски.

Kако локална власт, пред некоја година, поставиле цевки со цел да ја стават водата под контрола, а и т.н. воздушна цевка за да се спречат несакани последици од јаглерод диксидот.

Kако што објаснуваат тамошните жители, водата не ги поплавува само нивите и ги уништува земјоделските култури, напротив, се излева и во дворови. Еднаш кога ќе поплави, нанесува ненадоместлива штета - семињата или земјоделските култури се уништени и прашање е дали следната година на тоа место пак нешто ќе порасне.