Остварено првото изборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ

Партијата покажа капацитет за двотретинско мнозинство, и партија која обединува најголем број на гласови во Собранието за важни прашања. Законските измени и дополнувања беа изгласани со 88 гласа „за“ и 22 „против“.

Во Собранието беа изгласани измените и дополнувањата на Законот за организација и работа на органите на државната управа, со што се создаваат услови за формирање на нова влада која треба да биде предводена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ го оствари и првото ветување за реформски закон за распоред и организација на Владата кој беше ветуван во изборите.

Партијата покажа капацитет за двотретинско мнозинство, и досега е партија која обединува најголем број на гласови во Собранието за структурални и важни прашања. Законските измени и дополнувања беа изгласани со 88 гласа „за“ и 22 „против“.

Поддршка за измените на законот дадоа и пратеници од ДУИ кои гласаа без било какви условувања или предлози што никогаш не беше случај претходно. Одлуката на ДУИ и Европскиот фронт ја образложи координаторот на пратеничката група на ДУИ Блерим Беџети.

"Предлогот на мандатарот Мицкоски е пренесување на надлежност од една во друга институција и може да има логика за ефикасност. Цениме дека еден ваков упад треба да има сериозно разгледување, но ова ќе го оставиме на времето дали ќе биде постигната таква ефикасност", рече Беџети.

Од ВЛЕН се огласија денеска истакнувајќи дека добро е што дел од ДУИ на прашањето за реорганизација на министерствата покажа дека може да биде и конструктивна опозиција.

"Новата организација на Владата ќе овозможи поголем степен на ефикасност во реализација на заедничките програмски цели, што е во интерес на сите граѓани на Северна Македонија", се вели во соопштението.

ВМРО ДПМНЕ покажа дека работи на агендата Македонија повторно твоја. Носењето на измените и дополнувањата на Законот за организација и работа на органите на државната управа се вовед во формирањето нова влада меѓу коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ.

Мандатарот Христијан Мицкоски, кој исто така е и предлагач на измените, најави дека нова влада би можело да биде формирана пред истекувањето на дваесетдневниот рок што започна да тече во четвртокот на 6 јуни.