Милошоски: СДСМ и ДУИ го исцрпеа буџетот, ВМРО-ДПМНЕ ќе го стабилизира

Антонијо Милошоски: ''Државата е во тешка ситуација и нема време за поделби. Потребни се сите ресурси, вклучувајќи ги и симпатизерите на СДСМ. Сепак, оние што го прекршиле законот, без оглед на функцијата, ќе одговараат според законските одредби''.

Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, истакнува дека државата се наоѓа во критична состојба и дека нема време за поделби. Тој нагласува дека е потребно ангажирање на сите ресурси, вклучувајќи ги и симпатизерите на СДСМ, за да се постигнат заедничките цели. Сепак, додава дека секој што го прекршил законот, без оглед на позицијата, ќе одговара согласно законските одредби.

''Ќе треба да се направи силна динамика на работа на извршната власт и Собранието заеднички бидејќи тоа што најмногу загрижува од податоците кои ги добивме од техничката влада од министерството за финансии преку претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, заменичкиот министер за финансии дека државниот буџет и приходите во државниот буџет се на критично ниско ниво. Во најголемиот дел од министерствата и институциите доведено е сервисирањето на основните услуги кои овие институции ги даваат. Тоа ќе биде најголемиот предизвик на новата влада како да се покрие финансиската штета која беше направена од СДСМ и ДУИ за да може буџетот да се врати во кондиција“, рече Милошоски во гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа.

Тој потенцираше дека секој министер и директор на поголемо државно претпријатие откако ќе влезе во институцијата треба да си направи основна ревизија на буџетската состојба на институцијата што ќе ја раководи и актуелната финансиска состојба без разлика колку таа да е лоша да ја сподели со јавноста.

„На сите овие номинирани кандидати за министерски позиции треба да им се честита за тоа што прифатиле ваков предизвик секој еден од нив е свесен дека влегува во тешка ситуација во сите министерства. Токму тоа е предизвикот полошо од ова не може да биде мора да направиме Македонија да ја искористи оваа шанса да ги врати министерствата во вистински колосек да ја подобри ситуацијата и стандардот во државата“, вели Милошоски.

Милошоски укажа на тоа дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ предвидува да одвои добар дел од буџетот кон општините со однапред подготвена проектна документација.