Од иницијативата „На Точак“ која се залага за подобри услови за учесниците во алтернативниот соообраќај во Скопје апелираат надлежните редовно да ги чистат вело и пешачките патеки.
-Со почетокот на школската година се зголеми бројот на луѓето кои се движат низ скопскиот сообраќај. На патеките се разминуваат повеќе луѓе, па одговорноста на јавните претпријатија е да го ослободат просторот од пречките на патот, со што би овозможиле безбедно движење, велат од „На Точак“.
Оттаму посочуваат дека како што треба да се отстранат сите пречки на коловозот, така и мора да се исечат гранките што пречат на луѓето кои се движат пеш или на велосипед.
Еве ги нивните конкретни предлози:
-Потребно е да се скастрат сите гранки покрај велосипедските и пешачките патеки.Се надеваме дека постои некој правилник колку смее да биде најниската гранка, но со години гледаме гранки кои се под 2 м. Затоа се надеваме дека ЈП Паркови и Зеленило ќе ги сече гранките што се под 2,20 м. бидејќи се што е пониско од таа висина пречи на пешаците и велосипедистите.
-Веднаш по косењето на тревата потребно е да се чисти искосеното што е паднато на патеките. Во искосената трева што е фрлена на велосипедските патеки има трње кое ги дупнува гумите на велосипедите. Ова важи за патеките покрај булеварите и на кејот на Вардар.
Вело ентузијастите изразија надеж дека ќе бидат исечени гранките што не биле скастрени летово и по обилните дождови, но и тие кои со години се игнорираат покрај сите булевари и улици.