Ние ја прифаќаме љубовта која мислиме дека ја заслужуваме...

Откако неодамна раскинав со дечко ми, почнав да размислувам за тоа каде погрешив. Различни прашања ми се вртеа во главата. Прашања од типот: „Дали премногу покажував чувства? Дали очекував премногу? Дали сум тешка за сакање?“

И тогаш сфатив дека ништо од тоа не беше точно. Единствената вистина е оваа: Ние ја прифаќаме љубовта која мислиме дека ја заслужуваме. Што значи ова? Ова значи дека ние несвесно се ограничуваме самите себе кога станува збор за љубовта. Даваме повеќе отколку што можеме, а добиваме помалку отколку што заслужуваме.

Зошто се заљубуваме во луѓе кои не нѐ заслужуваат? Зошто одбираме луѓе кога потсвесно знаеме дека не се добри за нас? Зошто секогаш се надеваме дека личноста ќе се промени или дека ние ќе ги промениме? Се лажеме себеси дека така треба да биде.

Избираме да уживаме во малечки љубови затоа што мислиме дека никогаш нема да ја искусиме големата љубов. Трошиме многу време на луѓе кои не заслужуваат ниту една секунда од нашето време. И ги сфаќаме овие работи кога веќе е предоцна. Мислиме дека не заслужуваме подобро и затоа прифаќаме луѓе кои се однесуваат лошо кон нас.

Ги прифаќаме нивните лаги, манипулации и отровно однесување само затоа што мислиме дека не заслужуваме подобро. Но, ова не е вистина. Ние заслужуваме многу подобри и поголеми работи од тоа. Ние заслужуваме некој кој ќе биде покрај нас кога сме исплашени. Ние заслужуваме некој кој ќе има почит и восхит кон нас. Ние заслужуваме некој кој ќе мисли со нас, затоа што сме дел од нивната душа. И никогаш не смееме да престанеме да веруваме во тоа. Луѓето кои се однесуваат лошо со нас едноставно НЕ НЀ ЗАСЛУЖУВААТ! И тоа е единствената вистина.

Мислиме дека никогаш нема да бидеме доволно добри. Мислиме дека мораме да бидеме совршени за да бидеме сакани. Колку сурова помисла. Мислиме дека никогаш нема да бидеме доволно добри затоа што не си дозволуваме неуспех. Ако не си дозволуваме неуспех, ние никогаш нема да можеме да се подобриме себеси. Ние сме доволно добри.

Вие сте доволно добри! Ако не им се допаѓате такви какви што сте, тогаш тие сигурно не ве заслужуваат. Никогаш не треба да се менувате само за да влезете во нечиј шаблон. Вие не сте совршени и тоа е нормално. Вие сте супер за сите, освен за самите себе. Бидете добри кон себеси.

Мислиме дека не заслужуваме љубов. Не треба да мислите дека не заслужувате љубов, затоа што љубовта не е пребирлива. Љубовта ги прифаќа сите наши бубачки во главата, маани и несовршености. Не е дека не заслужуваме љубов, туку ние ја даваме љубовта на погрешни луѓе кои не можат да ни ја возвратат љубовта.

Љубовта треба да е лесна како летно ветре, но ние самите си ја отежнуваме. Ние постојано даваме втори шанси онаму каде што знаеме дека не треба да дадеме втора шанса. Постојано се надеваме дека ќе се променат иако знаеме дека тоа нема да се случи. Постојано го даваме срцето иако знаеме дека ќе биде скршено. Забораваме дека заслужуваме да бидеме сакани и забораваме да се сакаме себеси во процесот.

Вие заслужувате да бидете сакани!

Заслужувате да бидете ослободени од сите маки низ кои имате поминато и заслужувате да ја искусите вистинската љубов. Заслужувате некој кој никогаш нема да престане да ве потсетува колку сте прекрасни.

Сакајте се себеси.

Треба да се гордеете со себеси и треба да ја прифаќате само љубовта која ве подигнува, која ве инспирира и која прави да бидете најдобри што можете да бидете. Прифатете ја љубовта која е радосна и полна со живот. Прифатете ја љубовта која останува.