На кафе со Катерина Димова, специјален едукатор и рехабилитатор

Специјален едукатор и рехабилитатор, на едукација за Семејна-системска психотерапија

Како изгледа едно утро на Катерина Димова? Дали имаш некои утрински ритуали?

Ритуалите и самодисциплината се од круцијално значење за прогрес на една личност. Првиот мој ритуал е ранобудноста, чувствувам голема исполнетост кога денот започнува рано, дури и за викенд.  Првото утринско кафе е во кабинетот за рана стимулација и третман на деца и адолесценти во склоп на Неокортекс- Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација подготвувајќи се за новите предизвици во текот на денот.

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Мирно Скопје во 07:00 без никаква врева низ булеварите.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Насмевката е дел од моето секојдневие, работата со деца со атипичен и дисхармоничен развој е  таков предизвик и благослов да насмевката е секогаш присутна. Секој период со својата специфичност, но доколку треба да изберам тоа би било пролетта.

На Скопје му недостасува

Помалце мермер, повеќе зеленило, паркови за шетање и рекреација, природа, креативен дух. Луѓе кои што дишат за себе, живеат за себе, веруваат во себе, без предрасуди и етикетирање.

Скопје во само три зборови..

Мој втор дом.

Катерина, од каде страста кон Специјална едукација и рехабилитација? Што беше клучно да се одлучиш да се образуваш и да градиш кариера во оваа област?

Слушањето на сопственото јас е дефинитивно клучот денес да градам кариера во оваа област. Од секогаш ме привлекувале специфичните и посебни работи, нешто што е поинакво од сите други, работата со деца со атипичен развој како и негувањето на менталното здравје на децата ме прави да бидам тоа што навистина сум. Нема поголемо задоволство од тоа што секојдневно сум дел од првите мали, значајни чекори и големи успеси за раст и развој на секое дете. Секое дете има свој пат на учење, не само да е способно да научи, туку и да успее.

Веќе шест месеци се соочуваме со пандемија која дрстично ни го промени секојдневното живеење. Кој е твојот совет за подобра грижа за менталното здравје на децата  во услови на глобална пандемија?

Една од причините за појава на анксиозност, фрустрација, лутина која што секојдневно ја забележувам преку терапија со игра работејќи со деца со дисхармоничен развој е токму немањето на социјални врски со своите врсници. Потребно е во текот на денот детето да поминува одреден временски период на отворено заедно со своите другарчиња, секако почитувајќи ги мерките. Важна е потребата учениците да имаат релација со своите врсници, тоа е нивна развојна задача од животната фаза. Одржувањето на тие врски во ова време на социјално дистанцирање е од голема и значајна важност.

Според сите прогнози и најави пред нас се тешки зимски месеци, родителите и децата покрај секако грижата за здравјето се соочуваат и со предизвици на училиште, online  настава, скратени часови, работни обврски.. Како до баланс во целата оваа ситуација? Кои се советите кои им ги даваш на родителите?

Работејќи на воспитните цели на родителите, подобрување на целокупното детско поведение и однесување, во центарот применуваме соодветни протоколи за когнитивните способности, но и социо-емоционалниот развој на децата кој што е од големо значење за понатамошниот раст и развој. Правењето на кратки белешки за утрешниот ден е секогаш добар начин  за намалување на анксиозноста. Соработувајте со наставниците и споделувајте го успехот што го следите континуирано дома со нивните наставници, тоа ќе им биде од големо значење. Вклучувањето на Вашите деца во домашните активности, готвење и помагање при купување намирници се начини за вежбање на математички концепти, следење упатства, толеранција на трпеливост и фрустрација. Неструктурираното  време е исто така важно за да им се помогне на децата да ја зајакнат својата креативност, имагинација и вештини за саморелугација.

Како и колку COVID-19 и времето кое го поминавме во карантин влијаеше лично врз твоето секојдневно функционирање? Како ги поминуваше карантинските денови?

За време на карантинските денови вложував многу во мојот личен раст и развој. Донесов големи одлуки, отворив нови поглавја во мојот живот, направив големи чекори на секое поле. Карантинот ќе го паметам по завршувањето на сите мои развојни задачи како и по подготовките во центарот за работа со деца со атипичен и дисхармоничен развој.

Кој е предизвикот кон кој ја насочуваш твојата кариера во иднина?

Како дел од тим кој што се грижи за менталното здравје на деца, адолесценти и возрасни секојдневно се соочувам со предизвици правејќи развојни проценки на психомоторен развој, стимулации и реедукација на деца со атипичен и дисхармоничен развој.

Секое дете е приказна за себе и голем предизвик, како специјален едукатор и рехабилитатор преку индивидуална работа со деца имплементирам техники за подобрување на вниманието и концентрацијата, вежби за унапредување на мислење и помнење, вежби за фина и груба моторика. Во текот на претстојниот период активно ќе работам на поставувањето на темелите за академска кариера, како и заедно со тимот ќе работиме на нови проекти поврзани со здрав раст и развој на деца и грижа за ментално здравје на родители.