На кафе со Стефанија Несторовска

Млада скопјанка со еден од најубавите Инстаграм профили на кои може да се најдат вкусни здрави рецепти и совети за здрав начин на живот.

Како изгледа едно утро на Стефанија Несторовска? Дали имаш некои утрински ритуали?

Обожавам утрински ритуали, особено за викенд зошто тогаш не морам да се брзам за на работа па можам да поуживам малку повеќе. Секое утро прва работа е обавезно мојата skincare рутина, потоа следува кафе и многу вода за хидратација, потоа доручек додека гледам некоја серија на Нетфликс, можеби малку социјални мрежи да видам што сум пропуштила во текот на ноќта (хаха) и потоа денот може да почне. Не е ништо спектакуларно ама уживам во секој момент зошто ептен ги сакам утрата особено овие ладниве утра кај што можам да се стуткам во ќебенце и да пијам кафе цеееел ден. 

Која е твојата асоцијација на скопско утро?

Моментално, на жалост – магла и загаденост.

Во кој период од годината Скопје ти мами најмногу насмевки?

Скопје си го сакам на различен начин во различен период од годината. Ама ако мора да изберам нека биде пролет.

На Скопје му недостасува...

Воздух и зелена површина.

Скопје во само три зборови..

Дома, љубов, кафани :)

Стефанија, како започнува твојата Инстаграм приказна и зошто баш блог и профил фокусирани кон здравиот начин на живот и здравата исхрана?

Многу спонтано и без некаква намера да стане ова што е денес. Блогот е првенствено да биде корисен и од помош за сите оние кои ме следат на Инстаграм и се заинтересирани да ги пробаат рецептите, да прочитаат малку повеќе на одредени теми и да се информираат за некои работи во светот на здравата храна. Инаку никогаш не сум имала желба да бидам блогерка – искрено не се ни сметам дека СУМ.

Која порака се надеваш и сакаш да стигне до твоите следбеници кои ги следат твоите објави и совети?

Многу МНОГУ МНОГУ сум среќна што успеавме да изградиме една прекрасна, позитивна заедница каде што сите секојдневно учиме нови работи, постојано растеме заедно, вежбаме, се храниме здраво и се мотивираме. Многу ве сакам и фала што сте тука :)

Колку се промени твојот профил од почетоците досега? Дали имаше некој специфичен момент на пресврт?

Не се сеќавам дека имало некој таков пресврт баш од причина што профилот ми беше направен како лично мој, приватен профил. Никогаш не сум имала намера да биде некој “блогерски профил” и мислам дека луѓето тоа го приметуваат и баш им се допаѓа зошто тоа навистина сум јас, реална и природна. Не се промени нешто многу освен тоа што сега имам прилика да соработувам (и заработам) со брендови кои ги сакам, ги почитувам и сум многу горда што ми ја овозможиле таа прилика. И секако – малку повеќе време ми одзема сега комуникацијата со луѓето и креирањето на содржина, ама не се жалам – супер ми е. Уживам ептен во целиот процес :)

Колку и како влијаеше ново настаната ситуација со COVID-19 врз твоето секојдневно функционирање? Како да се остане ведар и позитивен online во услови на глобална пандемија?

Па мислам дека на секого влијаеше на овој или на оној начин. Никој не беше спремен на ваква ситуација меѓутоа тоа е што е. Полека се навикнуваме на новото нормално и некако се помиривме со фактот дека вака ќе живееме уште некое време.. Што се однесува на позитивноста во ваква ситуација – мој топол совет е да се искористат социјалните мрежи за црпење инспирација, мотивација и учење нови работи. Добрата работа на онлајн животот е што ти одлучуваш што гледаш, кого следиш и како ти влијае тоа на менталното здравје, така да бирајте внимателно.