ТВ водител
Како изгледа едно утро на Цеце Тодосовска? Дали имаш некои утрински ритуали?
Последниве месеци утрата ми се целосно поразлични од порано. Со оглед на пандемијата и бременоста, најчесто сум дома, а тоа значи дека и дел од утринските ритуали се променија. Како и да е денот не започнува без здрав оброк, а подоцна и кафе испиено сама со себе. Некако почнав да уживам во тој ритуал...
Која е твојата асоцијација на скопско утро?
Во последниве месеци утрата ме асоцираат на загадениот скопски воздух бидејќи штом се разбудам, веднаш проверувам колку е загадено надвор затоа што за организацијата на денот и обврските, за жал се раководам според ПМ10 честичките.
Цеце физички си доста активна, возиш велосипед, планинариш, искачуваш врвови. Која е твојата омилена локација во Скопје за физичка активност на отворено?
Да, бев доста активна, постојано бев на велосипед, дали за до работа или за завршување на некоја обврска или пак на некоја вело тура. Секој викенд или слободен ден со партнерот сакавме да бидеме некаде во природа, на чист воздух. Потрагата по чист воздух се уште е иста, со голема разлика во мојата физичка активност, секако поради бременоста. Планинарењето и возењето велосипед ги ставив малку на пауза, пешачењето ми е најголемата активност периодов :) Кучково кај крстот и прекрасната природа наоколу би можела да ги издвојам во последниов период бидејќи многу често викендите и слободните денови ги поминувавме таму.
На Скопје му недостасува…
Му недостасуваат многу работи, но пред се чист воздух и среќни и безгрижни луѓе...
Скопје во само три збора…
Ми беше тешко да го најдам соодветниот опис или можеби се обидував да му ги истакнам убавите страни... сепак, за жал преовладуваат негативните: загаден, исполитизиран и пренатрупан (од луѓе, градби и негативна енергија)!
Во време на глобална здравствена криза, ја дозна најубавата вест дека си бремена и наскоро го очекуваш раѓањето на твоето прво дете. Како се носиш со целата ситуација поради пандемијата? Дали те плаши оваа ситуација?
На почетокот бев исплашена, но сега веќе можам да кажам дека се навикнав на новонастанатата ситуација во која секој од нас треба само да се прилагоди на „новиот“ начин на функционирање. Околу мене до сега имаше пријателки или познанички кои се породија, така што нема да сум ниту прва, ниту последна во ситуацијава. Станав побезгрижна во поглед на таа комбинација - бременост и пандемија. Внимателна сум и почитувам мерки, но сепак гледам во денот воопшто да не размислувам дека надвор од дома има корона.
Подолг период паузираш од ТВ екраните, како ги поминуваш деновите, дали покрај подготовките за пристигнувањето на најмалиот член во семејството, размислуваш и за нови ТВ проекти во иднина?
Од септември или оној стандарден почеток на тв сезоните на сите телевизии, јас се повлеков од ТВ екраните и од емисијата „90 минути“ која ми беше последниот проект. Со оглед на турбулентните работни секојдневија претходно, слободно можам да кажам дека овие смирени денови изминатиов период одлично ми дојдоа. Секако дека размислувам и на работните ангажмани во иднина, има најави за некои убави работи кои доколку се реализираат ќе бидам среќна не само јас, туку и публиката :) И покрај се, секако дека друг е приоритетот за мене овие месеци. Деновите ми се посветени за реорганизација на домот и подготвување за новото искуство кое ме очекува многу наскоро.