Директор за продажба во Limak Skopje Luxury Hotel
Како изгледа еден работен ден кога се работи за светски бренд како Лимак Хотели?
Работата е многу динамична. Самиот бренд е гаранција за високиот квалитет на услугите што ги нудиме, па оттука има голем интерес за престој во хотелот, како и за организација на настани. Во овие 17 месеци откако е отворен хотелот во Скопје, се позициониравме како хотел што нуди беспрекорна услуга и високо ниво на квалитет, така што стекнавме редовни гости и соработници кои преферираат своите настани да ги организираат во Limak Skopje Luxury Hotel.
Многу често работниот ден не завршува откако ќе истече осум-часовното работно време, затоа што постојано има случувања и активности, вечерни настани, но желбата да се исполнат очекувањата на гостите и нивното задоволство се мотив и голема сатисфакција што ни дава енергија да бидеме успешни и покрај големиот ангажман и динамика.
Од голема помош се воспоставените системи и методи на работа што се применуваат во рамки на ланецот хотели на Лимак, како и знаењето и информациите што ги имаме како резултат на припадноста на еден ваков бренд на хотели.
Во своето 22 годишно искуство, имам организирано значајни меѓународни конференции, и семинари со видни личности, а во оваа дејност како најголема придобивка ќе ја издвојам можноста за стекнувањето на пријатели!
Koи се најголемите предизвици кои се дел од оваа работа? Колку е лесно или тешко да се работи со гости?
Кога го сакате она што го работите, и најголемите предизвици ги надминувате со леснотија и гледате на нив како дел од секојдневната работа. Сите што се одлучиле да работат во овој сектор мора да се подготвени со трпеливост и полни со разбирање за барањата на гостите. Но, голем дел од гостите ја искажуваат својата благодарност и задоволството, па љубезноста и подготвеноста да се даде квалитетна услуга многу брзо се враќа во форма на убав гест од задоволните гости. Без добар внатрешен тим, продажбата не би можела да се замисли! Среќна сум што мојот тим иако е мал, сепак е многу компетентен и ефикасен! Работам со млади и амбициозни девојки, кои ме пратат во секој поглед за да генерираме добри приходи и да градиме добар сервис кон клиентите. Секако, без поддршката и разбирањето на моите ќерки Стела и Луна, фокусот врз работата не би бил целосен.
Што се нуди Лимак хотелот во Скопје и што го прави ова место посебно?
Limak Skopje Luxury Hotel има уникатна локација во центарот на Скопје, нудејќи прекрасен поглед на Водно. Тој е дел од поголем комплекс Diamond of Skopje, кој наскоро ќе биде целосно изграден и ќе ги збогати содржините што им се на располагање на нашите гости.
Освен врвната услуга, удобноста, модерниот и луксузен дизајн на хотелот, гостите можат да уживаат во специјалитетите на нашиот шеф во ресторанот како и во Sky Lounge Bar, кој нуди преубав поглед на Скопје, но и да се релаксираат во уникатниот СПА Центар!
Дополнителна вредност дава интернационалниот персонал со кој заеднички градиме култура на сервис во интерес на странските гости!
Какво е досегашното искуство, што велат статистиките за бројот на гости во хотелот? Колку работењето во услови на светска пандемија беше предизвик за вас?
Беше мошне храбар чекор да се отвори хотел во екот на пандемијата, но фактот што сме дел од поголем синџир на хотели и од групација која има активности во различни сектори, ни овозможи да го преземеме овој чекор и иако бевме подготвени на многу поскромни резултати, ние ги надминавме сите очекувања и успеавме да работиме успешно, со голема исполнетост на капацитетот.
Направивме мудра стратегија и се погриживме да привлечеме гости гарантирајќи им безбеден престој во хотелот со примена на сите мерки за заштита од пандемијата. Благодарение на извонредната услуга, професионалниот однос и љубезноста на обучениот персонал, стекнавме постојани гости и соработници кои се вратија кај нас за дополнителни настани и посети.
Можете ли со читателите на Скопје Инфо, да ги споделите искуствата за Скопје и хотелот Лимак и за странците кои биле гости кај вас?
Сите странски посетители се чувствуваат многу пријатно и безбедно во Скопје. Без исклучок, сите ја сакаат македонската кујна и уживаат во нејзините вкусови. Во нашиот ресторан имаме и домашни и интернационални специјалитети, но и типични турски јадења, па преку храната имаме можност да им раскажеме повеќе за нашето поднебје, за различните влијанија и богатството на ароми и вкусови.
Исто така, сите гости го истакнуваат пријателскиот однос и гостопримството и си заминуваат со пријатни чувства и спомени.
Кој дел од Скопје е омилен на Јелена Костадиновиќ?
Скопје е еден од ретките градови кој во своја непосредна близина има планина која дава можности за рекреација и уживање во природата. Водно го гледам и од работното место и од дома, и е прекрасна глетка што ме следи цел ден. Но, уживам и во убавината на рестораните и кафулињата во Дебар маало и во Стара чаршија, така што имам повеќе омилени делови од Скопје и тие се претежно врзани со убави моменти што ги минувам со пријатели и со семејството. Скопје може да се пофали со богат ноќен живот, концерти на отворено, изложби, културни настани кои внимателно ги следам.