Младите одбираат ФИНКИ - за повисока плата и да не трчаат по штабови!

Трендот продолжува! И за претстојната академска 2022/23 година голем интерес кај младите за студирање на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Годинава за упис чекаа редици млади да ги остават документите за упис.

Интересот е голем, како пред неколку години кога сите се одлучуваа за Правен факултет, коментираат на социјалните мрежи.

Дали изборот на добро платена професија е пресуден младите да се одлучуваат за ФИНКИ, со оглед дека програмерите изминативе години се на врвот на најплатени професии?

-Околу 1,200 годишно се запишуваат. Повеќето се навистина залутани и не се свесни колку комплексна професија избрале. Голем дел ќе се откажат и нема да завршат, или ќе почнат да работат и ќе го баталат факсот, коментираат на социјалните мрежи.

- Младите знаат каде да студираат за да не молат по партиски штабови за вработување, гласи друг коментар. 

-Во областа на програмирањето и софтверскиот инженеринг далеку поважно е знаењето и вештините, отколку формалната диплома, за да се биде квалитетен програмер, не мора да се оди на факултет и да се поседува диплома, коментира друг граѓанин.

-Дефинитивно ќе се одлучуваат за ФИНКИ, со надеж да се вработат во некоја странска компанија која дава солидни плати, а не во некоја наша, каде недоволно ќе бидат вреднувани од нашите работодавачи. Нормално е да избираат ФИНКИ, да не педагошки па потоа со години да трчаат партија да ги вработи, вели една повозрасна скопјанка.

Оние кои веќе се дел од ФИНКИ имаат само пофални зборови за факултетот. 

-ФИНКИ е најдобриот факултет по информатика во земјава што образува лидери во полето на информатиката. Програмата е добро осмислена, со доста новитети што не беа присутни порано како дел од наставата. Постојат исто така и голем број на профили со кои самиот студент може да се награди и да ја продлабочи својата област на знаење соодветно на тоа што го интересира...

-Голем плус е тоа што ФИНКИ исто така досега има објавено колем број на конкурси за стипендии, размени, посетување на курсеви, пракси итн., велат студентите. 

Според Државниот завод за статистика просечната плата во секторот Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности изнесува 74.062 денари или околу 1.204 евра. Програмерите всушност се единствената професија со просечна плата повисока од илјада евра месечно.