Рекорден број запишани студенти на ФИНКИ - 13% повеќе од минатата година

Претседателот на Влада, Зоран Заев, и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, денеска се обратија на првиот свечен академски час за новите студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), каде што оваа година се пријавија рекорден број од 933 заинтересирани студенти, или 13% повеќе од минатата година.

Во своето обраќање, премиерот Заев рекол дека големиот интерес за упис на овој факултет и рекордниот број запишани студенти, меѓу другото е и поради извонредниот наставно-научен кадар на овој факултет, наведуваат од Владата.

„Информатичката технологија е една од најбрзо растечките индустрии во светот и во Македонија. Младите тоа го знаат и затоа се насочуваат кон оваа област со надеж за подобра работа по завршувањето на студиите“, изјави Заев.

Претседателот на Владата во своето обраќање потсети дека на почетокот на септември Владата и Фондот за иновации доделиле финансиска поддршка за отворање три бизнис-акцелератори за млади претприемачи и иноватори. Еден од тие акцелератори е деловно-технолошки акцелератор „УКИМ“ во Скопје, кој ќе биде сместен на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

„Оваа иновација во поддршката на младите луѓе како вас, кои поседуваат креативни бизнис-идеи, ќе понуди можност и поддршка за развој на стартап-компании што ќе носат профит. Тоа ве прави учесници во развојот на македонската економија и создава услови да го дадете својот придонес во подобрувањето на животниот стандард на сите граѓани“, изјави премиерот Зоран Заев.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, во своето обраќање, како што наведоа од Владата, изјавил дека Министерството во моментов активно работи на повеќе проекти што имаат заедничка цел, а тоа е целосно дигитализирана Македонија.

„Тоа го правиме во соработка со бизнис-секторот, со граѓанскиот сектор и секако со академската заедница, односно со дел од вашите професори, а многу често тоа значи и заедно со вас. Дигиталниот самит, кој се одржа во Скопје пред неколку месеци, беше место каде студентите од овој факултет се претставија со свои иновативни решенија и пронајдоци пред публика од целиот регион и Европа“, рече Манчевски и укажа на проектот  Младинска гаранција, со што се предвидува квалитетната понуда за вработување, натамошно образование, преквалификации, стажирање или практикантство на младите.

cheap nike air max 90