Ме освоија твоите недостатоци...

Ме освоија твоите недостатоци. Твојата тврдоглавост, твојата чудна смисла за хумор, начинот на кој се повлекуваш, одеднаш, во тивкото студенило, размислувајќи тивко.

Љубов моја, деловите кај тебе кои највеќе ме нервираат, се деловите кои највеќе ги обожавам.

Сакам да ги бакнам сите твои скршени делови.

Копнеам со прстите да минам преку твоите рани и да ги видам затемнетите сенки кои даваат боја на твојата душа.

Љубов моја, чувствувам бујни, диви и силни светови како растат среде урнатините на твоите разочарувања и грешки.

Гледам ѕвезди како паѓаат во твоите скршени надежи. Намирисувам љубов во твојата борба.

Љубов моја, твоите таканаречени грешки се како горди рубини кои танцуваат во портокаловата крв на изгрејсонцето, кои со својата незаборавна убавина поттикнуваат солзи на моите очи. Твоите рани и несовршености се болно вкусни – полни со живот. Твоите недостатоци само го комплетираат ремек-делото. А ти, љубов моја, ти си најголемото ремек-дело. Те сакам сѐ повеќе со секоја секунда која се лизга низ нашите растреперени раце.

И сакам да знаеш нешто.

Ти ветувам, тебе, кој секогаш ќе го чувам во предниот џеб на моето срце, сѐ додека не умремо:

Ветувам дека никогаш нема да те поправам. Тоа не е моја работа. Не е моја работа да ти кажувам како треба да изгледа несовршениот дворец на твојата прекрасна душа.

Освен тоа, која сум јас да се мешам во таинствената магија на твојата слатка душа?

И јас не сум без маани, љубов моја. И мене овој живот ме ранил и ми нанел модрици. Понекогаш сум малку нестабилна и често плачам во незгодно време. А тие делови од мене, оние кои ги сметам за неподносливи, тебе ти ставаат насмевка на лицето, секогаш кога ќе се разбудиме во зорите, лежејќи лице во лице, гледајќи се еден со друг, нашите очи кои сѐ уште се сонливи, маѓепсани од љубов.

Ми велиш дека моите несовршености се совршени. Го чувствувам истото.

Ајде да се договориме, да си ветиме со нашите срца:

Да се прифатиме такви какви што сме. Да не се поправаме едни со други. Да направиме уметност од нашите рани. Да ги обоиме облаците на нашиот хаос. Да бидеме немирни и магични. Да се прошетаме, твојата несовршена рака да ја држи мојата несовршена рака...

Заедно да се соочиме со овој брутално убав свет. И еден на друг да си дадеме дива, сочна  слобода, за да можеме да бидеме баш такви какви што сме.