Од Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР), известуваат дека локалните власти во Општина Прилеп добиле наредба за овозможување пристап до чиста вода во ромските населби „Дебарца“ и “Три багреми“ во Прилеп, по поднесена петиција од страна на Центарот, како и одлука од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) за направена директна дискриминација, пренесува Радио МОФ.
Ова доаѓа откако на 23 август годинава, КСЗД објави одлука со која се утврдува дека Општина Прилеп и ЈКП Водовод и канализација – Прилеп сториле директна дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, етничка припадност, социјално потекло и имотна состојба, врз Ромите од градот преку необезбедување еднаков пристап до вода.
Од Центарот истакнаа дека локалните власти во Прилеп имаат рок од шест месеци да ја спроведат наредбата, а Центарот поднел и тужба пред Основниот суд во Прилеп.