“Кога ќе чувате деца, што чекате, времете лета” – колку само болат овие зборови, и јас исто се прашувам КОГА?

Се би било убаво, кога ќе оди онака како што планира. Но, некогаш плановите и очекувањата не излегуваат баш така.

Марија и Филип се во брак шест години. Тие претходно биле во врска четири години. Чекале да завршат со студирањето, па да најдат работа, да си обезбедат некои нормални услови за живот, па тогаш да стапат во брак, а потоа и да си чуваат дечиња, како што е ред.

Тие во брак стапиле во 2012 година. Но, до ден денеска се уште немаат деца. Марија има 32 години, а Филип има 37.

-Се чудам постојано каде живееме. Каков менталитет е овој македонскиот... Откако соопштивме со Филип дека ќе се земеме, секое второ прашање беше дали сум бремена. Па зарем само тогаш се стапува во брак? Мора ли невестата да е бремена за да има брак? Не ли може поинаку? Откако веќе на сите им раскажавме дека не сум бремена, веќе почнаа муабетите, па кога, па што планирате, па ајде, па ваш е редот, па вие сте возрасни веќе кога ќе ги чувате децата... Овие прашања почнаа уште тогаш, и постојат до ден денеска. Едни исти, прости и мизерни. На почетокот не им обрнував внимание и само се смеешкав кога некој ќе ме прашаше, но веќе денеска ме иритираат толку многу и се нервирам кога некој ќе ме праша околу тоа. Па зарем ние не сакаме да бидеме родители? Зарем ние не знаеме дека сме возрасни веќе? Или треба да се најде некоја паметна жена која требе постојано да не потсетува за тоа, вели Марија.

Марија и Филип не се откажуваат од желбата за потомство. Одат, примаат терапија и се надеваат дека еден ден ќе се остварат како родители.