Не одев во градинка, ме чуваше баба – ме научи на најважните вредности во животот

Мојата баба... Личноста која ми ги покажа вредностите во животот. И не, јас никогаш не одев во градинка. За мене, дворот на баба и дедо, беше мојата градинка, моето царство, мојата слобода...

Таа не беше од оние баби мирни и нежни. Таа беше силна, цврста, паметна и со остар јазик.

Сепотпишуваше со прст бидејќи не знаеше да чита и да пишува, но знаеше да брои и да пресмета, бидејќи така никогаш не можеа да ја излажат кога купуваше на пазар или во продавница.

Ме учеше на се. Готвевме заедно, правевме зелник, баници, колачи. Едноставно правев се она што правеше и таа. Тогаш тоа се беше игра, но сега сфаќам дека од мали нозе ме учеше на самостојност.

Баба имаше огромен двор. И чуваше животни. Секој ден ги храневме кокошките, прасињата, козичките, кучињата и мачињата, за кои таа сметаше како да се дел од семејството. И така од мала научив да ги сакам животните.

Кога беше убаво времето, секогаш бевме надвор во двор. Се сеќавам дедо имаше лозје и често одевме таму и сега сфаќам колку природата е важна за човекот. Таа одеше полека, нога пред нога, не можеше побрзо, но тоа не беше важно, никаде не брзавме.

Немав многу играчки, а тогаш сакав само едно – дрвен коњ. Сега ми е смешно кога ќе се сетам.

Игравме домино, дама или пак Не лути се човече. Ме учеше да не се лутам кога губам, дека морам добро да размислувам за наредните чекори и дека пак може да изиграме ако изгубам. Често ме водеше во црква. Таа беше голем верник. А јас, секако одам по стапките на баба.

Имаа две слави во текот на годината. Една домашна, Свети Никола и една селска Свети Илија. Баба со денови спремаше за славите. Секако со моја помош.

Зелникот на баба... Колку би дала се, за да можам само уште еднаш да ја почувствувам таа миризба, тој вкус... Мирисаше целата улица, кога баба печеше леб. Ех, немаше нешто поубаво од топол леб и сиренце, или пак шеќер...

Во дворот имаше секакво овошје. Во секое време имаше по нешто зрело за берба. Се, сеќавам на еден стар ковчег на баба, кој беше полн со колачиња. Баба не ги јадеше, ги чуваше за внуците.

Убави времиња, убави спомени. Бабите се посебни, секогаш се паметат и се чуваат во срцата на внуците...

 секогаш се паметат и се чуваат во срцата на внуците...