Граѓаните сами ќе ги плаќаат налепниците во црвена, жолта и зелена боја која ги најави Владата. Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, очекува налепниците да придонесат за намалување на аерозагадувањето, бидејќи како што вели транспортот е втор најголем загадувач.
Макрадули вели – оваа мерка мора да се воведе со оглед на фактот што во Скопје секојдневно влегуваат околу 30 илјади возила од внатрешноста на земјава.
Налепницата ќе ја утврдува овластена техничка служба која доколку утврди спротивно на законот ќе има соодветни санкции и казни, но парично казнети ќе бидат и возачите за кој ќе се утврди дека возат со налепница која е забранета за тој ден. Износот на казната ќе се движи од околу 300 евра за физички, до илјада евра за правни лица.
Надлежните се уште не располагаат со точни податоци колку точно возила ќе бидат етикетирани со црвена, а колку со жолта или зелена налепница.
Инаку освен еколошките налепници за старите возила, надлежните ќе се даваат и субвенции за купување електрични автомобили.
На социјалните мрежи различни се коментарите од воведувањето на оваа мерка, а дел се дека нема да се реши загадувањето во градот бидејќи и во лето се возат автомобили па мерните станици не покажуваат дека воздухот е загаден. Иако и таксистите ќе добијат еколошки налепници од Групацијата на такси-превозници не стравуваат дека ќе им трпи превозот.
– Има и постари возила, но тоа се малку. Најмногу се возат такси со еуро 4 и еуро 3 стандарди. Засега групацијата нема дециден став околу еколошките налепници, но бидејќи ниту една компанија досега не изразила загриженост во однос на оваа мерка сметам дека ја поддржуваат. Ние секако сме за секоја мерка со која ќе се помогне да се расчисти загадувањето на воздухот, вели првиот човек на Групацијата, Сашо Рајчиновски.
Црвена, жолта и зелена еколошка налепница ќе добијат возилата со цел да се намали аерозагадувањето во градот, се дел од предлог-измените на Законот за возила. Мерката која и порано беше најавувана викендов уште еднаш ја потврди заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули. Трошокот за налепниците ќе биде на граѓаните, а ќе можат да ја добијат по соодветната контрола и тоа веднаш по донесувањето на законот.
-Зелената се однесува за хибридните, електричните и возила кои имаат еуро 5, 6 стандард како и еуро 4 во кои се вградени уреди за течен нафтен и земјен гас кои ќе можат слободно да се движат во кое било време какво и да е загадувањето. Жолтата налепница се однесува на возилата со еуро 4, 3, и 2 стандардот со вградени компоненти еколошки и тие ќе имаат ограничено движење во денови кога има висока концентрација на загадувачки супстанции. Третата, црвената е за еуро 2 и под тој стандард возила за кои ќе биде забрането и движење во деновите со висока концентрација загаденост, истакна Макрадули.