Европска недела на имунизација: Слушајте ги научниците, а не дезинформациите

Во Градскиот парк во Скопје вчера се одбележа Европската недела на имунизација, со повици за поголема вакцинација, пренесува новинската агенција Мета.мк.

Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека повеќе од 50 години вакцините кои ги примил како дете го штитат и имунизацијата и дека е едно од најголемите достигнувања на човештвото. Но, вели Гир, сега има многу дезинформации против кои треба да се бориме.

„Она што ни е пред се потребно е едуцирање, заедно со настани како овој за достапност на имунизацијата. На таков начин може да помогнеме стапките на имунизација низ земјата да растат. Кога ова не се случува ги гледате последиците со појава на болести кои не треба да ги има во земјата“, рече Гир.

Според претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција Ди Џовани, со вакцините се спасуваат децата од најлошото, а земјава се оди наназад во нивото на имунизација.

„Ајде заедно да се потрудиме да ги заштитиме од разболување, од тешки попречености и од смрт. Најголемата закана се дезинформациите и погрешните информации и затоа ве молам слушајте ги научниците“, изјави Ди Џовани.

Во текот на минатата недела во земјава се регистрирани 27 нови случаи на голема кашлица, a тоа, како што наведува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во својот најнов извештај, е намалување од 41,3 отсто во однос на претходната недела. Најголем дел од заразените се во Скопје, а нивната возраст се движи од еден месец до 54 години. Најголемиот број случаи се регистрирани кај деца од 10 до 14 години.

Четворица од новопријавените 27 случаи на голема кашлица се хоспитализирани.

Досега во земјава се регистрирани 516 случаи на голема кашлица.