Службите за хомологација ќе одредуваат кое возило каква налепница ќе добие при спроведувањето на најавената мерка против загадување, потврдиле од Министерството за економија за „Мета“. Со тоа се расчистуваат шпекулациите дека ќе се мерат издувните гасови на автомобилите пред да биде одредена зелена, жолта или црвена боја.
„Постапката за еколошка категоризација на моторните возила, започнува со поднесување на барање со документација за возилото (сообраќајна дозвола, фотокопија од потврда за сообразност- СОС сертификат и други документи за да се утврди дека конкретното возило кога е произведено и кој ЕУРО стандард на емисии го исполнува) од сопственикот на возилото до техничката служба. Техничката служба ја разгледува доставената документација, ја утврдува еколошката категорија и издава потврда и еколошка налепница во соодветна боја. Техничката служба не врши мерење на емисии на гасови од моторот на возилото, туку прави идентификација на документацијата на моторното возило“, објаснија од Министерството за економија.
Предлог-законот што ја предвидува оваа новина веќе влезе во собраниска процедура, Категоризацијата за еко-налепницата ќе се прави еднократно, а бојата може да се промени само ако во возилото се вгради уред за течен нафтен гас, или метан, со што возилото би можело да помине во повисока категорија.
Новите прописи би стапиле на сила шест месеци откако законот ќе биде усвоен и објавен во „Службен весник“.
Правилниците и одредбите ќе се донесуваат од општините и Град Скопје по донесувањето на законот.