Канцерот не знае ни кои сте, ни колку години имате, ни од каде доаѓате - Лила со моќна порака

Нашата најпозната водителка Лила Филиповска, по извојуваната животна битка, годинава отворено проговори за борбата со канцерот на дојка, а од тогаш не пропушта прилика жените, но и сите граѓани да ги мотивира и да ги едуцира за навремена проверка и заштита на здравјето од оваа болест.

На крајот од месец Октомври - месецот на женското здравје, таа сподели фотографија на која е облечена во розево за поддршка на сите жени болни од рак на дојка, и притоа напиша многу инспиративна порака за сите граѓани. Објавата на Лила ви ја пренесуваме во целост:

„Отсекогаш розовата ми била една од омилените бои (иако ретко ја носам), а сега дефинитивно ми е најомилена.

Па, јас сакам да го гледам светот со розови очила, така е многу поубав, така го гледав и периодот што е зад мене, а сега облеков розово за да ве потсетам драги мои дами редовно да се прегледувате и да не чекате, бидејќи раната превенција значи живот!

Изберете живот и не заборавајте канцерот не знае ни кои сте, ни колку години имате, ни од каде доаѓате. Проверете се и уживајте во животот“.