Ова е нов текст од предвелигденските совети за бојадисување на јајцата со природни бои.
Важно е да напоменеме дека овие техники не даваат интензивни бои, па ако сакате навистина силна црвена боја, ќе треба да го примените класичниот начин на бојадисување.
Но, во продолжение ќе ви предложиме и неколку методи кои поединечно или комбинирани, може да ви помогнат да добиете навистина убава нијанса.
Имајте предвид дека лушпата на јајцата е порозна и дека дел од вкусовите од намирниците за природни бои може да навлезат во внатрешноста.
Бојадисување со природен сок од вишни и цвекло
Можете да ги сварите јајцата во сок од вишни, во кој сте додале две лажици сол и една лажица оцет. Треба да варите додека да зоврие течноста, а потоа намалете ја температурата и оставете ги уште 10 минути.
Ако сакате да боите со цвекло, додајте го изренданото цвекло во вода, во која има сол и малку оцет и варете ги јајцата.
Исто така, ако сакате посветла боја, можете да измешате сок од вишни со рендано цвекло и да ги оставите сварените јајца во смесата околу еден час.
Постои и метод во кој можете да ја засилите бојата со додавање на една голема лажица црвен пипер за готвење, но мора да внимавате да не биде лут.
Можете да го примените и методот на бојадисување со лушпи од кромид, со тоа што ќе користите што потемни лушпи, а најдобро оние од црвениот кромид.