Град Скопје доби 50.000 долари за рециклирање и намалување на отпадот

Градот Скопје доби престижна награда од Младинскиот климатски акциски фонд за иницијативите предводени од младите насочени кон рециклирање и намалување на отпадот. Овој фонд обезбедува техничка помош и финансирање на млади лица на возраст од 15 – 19 години, кои ќе управуваат со био отпад и ќе дизајнираат и произведуваат рециклирани производи во рамки на новата биотехнолошка лабораторија.

Наградата од 50.000 долари беше доделена за успехот на првата јавна биотехнолошка лабораторија во Македонија и регионот, иницијатива на Град Скопје со поддршка од УНДП и УНИЦЕФ. Градоначалничката Данела Арсовска го претстави овој проект на Локалниот самит за климатски активности.

Меѓународните истражувања покажуваат дека повеќе од 60 проценти од младите сметаат дека националните влади не прават доволно за справување со климатските промени. Поради тоа, Младинскиот климатски акциски фонд на COP28 одбра градови со организациски капацитет и потенцијал да ги ангажираат младите во изнаоѓање на решенија.

Во рамки на Локалниот самит за климатски активности на COP28, Младинскиот климатски акциски фонд и Bloomberg Philanthropies обезбедија поддршка за иновативни пристапи кои поттикнуваат младите повеќе да се активираат. Иницијативите во Скопје вклучуваат програми за климатско образование, младински климатски хакатони и настани за подигање на еко свеста.