Се исчисти и четвртиот дел од малата депонија со линдан во ОХИС

Заврши чистењето на четвртиот лот од малата депонија со линдан во ОХИС, пренесува Мета.мк. Во периодот од март до јуни ископани се 450 тони на HCH отпад и 250 тони земја контаминирана со линдан. Целата количина е спакувана во специјализирани буриња во кои ќе се транспортира на конечно уништување.

Од Министерството за животна средина информираат дека 240 тони линдан ископани од четвртиот лот се веќе извезени, додека остатокот ќе биде извезен до крајот на месецов. Контаминираната земја, пак, од дворот на ОХИС ќе треба да замине до крајот на октомври. Исто така, целиот линдан и загадената земја кои се извадија од претходните три лота на малата депонија се веќе извезени надвор од државата. Според податоците од Министерството, се работи за 1,482 тони на HCH отпад и 337 тони на земја контаминирана со HCH.

Ископувањето и пакувањето на количините во рамките на четвртиот лот е завршено, а сега се одвива чистењето на опремата и средување на локацијата. Расчистувањето на овој дел од депонијата е реализирано со средства обезбедени во Мултипартнерскиот фонд“, велат за Мета.мк од Министерството, но не посочуваат дали во фондот има средства и за конечно довршување на чистењето. Информираат дека со фондот раководи УНОПС кои се задолжени и за мобилизирање на средства за проектот.

Од Министерството велат дека додека се работи на ископувањето на линдан, постојано се врашат и мерења на квалитетот на воздухот и на почвата во ОХИС и во околината. Мерењата на воздухот се вршат континуирано во текот на осумчасовно работно време на шест мерни локации во ОХИС и на две локации во резиденцијалниот дел во околината на ОХИС, а анализите на собраните примероци се вршат еднаш неделно. Мерењата на почвата се врши еднаш месечно на две локации во резиденцијалниот дел во околината на ОХИС, на истите локации од каде се земаат и примероците од воздух.

Целиот текст можете да го прочитате на Мета.мк.

Фото: ДИЖС