Денес беа доделени награди за истражувачко новинарство во изминатата 2015 година. Наградите ги доделува претставништвото на ЕУ во Скопје. Доделувањето се одржа во ЕУ Инфо Центарот, а награди добија Борис Георгиевски, група новинари од истражувачката мрежа БИРН и Билјана Николовска.
Борис Георгиевски наградата ја доби како заслуга за серија текстови на тема „Досие Телеком“, додека новинарите од Балканската истражувачка мрежа БИРН за проектот „Скопје 2014 под лупа“. Интересно е да се забележи дека новинарот Борис Георгиевски своите текстови ги објавуваше на веб-страницата „Призма“, која е исто така спонзорирана од БИРН, чија група новинари ја доби втората награда. Третонаградената е Билјана Николовска, од телевизија „Телма“ за своите ТВ-прилози на тема „Од невработени до затвореници: како системот осуди, па амнестираше 15 илјади здравствени осигуреници“.
Наградите ги врачи претседателот на жирито Љупчо Поповски, со вкупен награден фонд од 10 илјади евра, од кои 4 за првонаградената, и по 3 за второ место и награда за најдобра истражувачка сторија за млад новинар. Свое излагање имаше и директорот на Директоратот за проширување на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, кој ги спомена проблемите кои со кои се соочуваат новинарите и генерално лошата ситуација во новинарската сфера во земјава.
Ваква награда инаку, покрај во Македонија, се доделува во сите земји од Западен Балкан и Турција, места кои според официјалниот став на ЕУ имаат недостаток на слобода на изразување. Вкупно пријавени во сите конкуренции имаше 32ца автори со 29 стории, објавени во сите медиуми изминатата година.