4 работи кои треба да ги знаеме за суплементите

Според некои истражувања, дури 80% од луѓето земаат суплементи во исхраната.

Photo by Leohoho on Unsplash

Оваа бројка е особено зголемена од пандемијата со коронавирусот, кога луѓето почнаа повеќе да се грижат за своето здравје. Но, иако одредени додатоци во исхраната можат да придонесат за подобрување на нашето здравје, сепак треба да знаеме некои важни работи за нив.

Суплементите не можат да ја заменат балансираната исхрана

Треба да знаеме дека најдобриот начин за внесување на витамините и минералите е преку исхраната. Првиот совет кој ќе го добиете од секој нутриционист е дека треба да се посветите на градење здрава и балансирања исхрана. Самото име „суплементи“, односно додатоци во исхраната покажува дека тие треба да придонесат за оние состојки кои не можеме да ги внесеме преку храната, а не да бидат замена за неа.

Агенциите за храна не ги тестираат секогаш суплементите пред да се најдат на полиците во аптеките и продавниците за здрава храна.

Тоа значи дека некогаш не можете да знаете точно што внесувате. Ако веќе се решите да купувате суплементи, тогаш осигурајте се тоа да биде бренд кој е веќе познат или препознат пред купувачите.

Иако постојат истражувања, никаде не постои конкретен доказ за влијанието на суплементите

Голем дел од нутриционистите и истражувачите се трудат да дојдат до релевантни податоци кои покажуваат колку се значајни додатоците на исхрана, но ниту една од тие студии не е научно поддржана. Треба да имаме на ум дека тие истражувања често содржат нецелосни информации.

Тие не се секогаш добредојдени за оние кои имаат здравствени проблеми

Различни здравствени проблеми бараат различен пристап, па затоа клучно е да се консултираме со доктор пред да се одлучиме за некој суплемент. Особено внимателни треба да бидат оние кои имаат проблеми со црниот дроб, бубрезите, минуваат низ процес на хемотерапија и тн.