Како се храни Новак Ѓоковиќ?

 

Новак Ѓоковиќ е еден од најдобрите тенисери на сите времиња, светски рекет број 1, кој посветува многу внимание на своето здравје и исхрана. На едно интервју тој раскажа малку повеќе за неговите проблеми во минатото и како се храни денес.

Тој откри дека секогаш имал респираторни проблеми, особено во Австралија, нешто како блага астма, со која се борел уште како дете, а со текот на години тие алергии му се зголемувале. Ова доаѓало особено до израз кога бил на терен, во налет на емоции и адреналин и заради тоа често морал да се повлекува од натпревари. Подоцна се запознал со еден доктор со кој почнал да работи на биофидбек терапија. Ѓоковиќ вели дека тој се погрижил за неговото физичко и ментално здравје и откри дека исхраната била еден од клучните проблеми кои ги предизвикувале другите проблеми и откако го променил начинот на исхрана, целиот живот му се променил на подобро.

Ѓоковиќ во интервјуто вели дека ги исфрлил глутенот, млечните производи и преработениот шеќер од неговата исхрана и дека иако се работело за голема промена, тој веднаш ги забележал првите резултати. Тој додаде и дека негово семејство најпрво било загрижено за него, бидејќи потоа го исфрлил и црвеното месо од исхраната, поради тоа што забележал дека потребно било многу време и енергија за да се преработи во телото, а таа енергија му е потребна за фокус и оздравување. 

Според него, тоа бил клучниот момент кој го довел до моменталниот начин на исхрана кој целосно се заснова на билна исхрана и тој не јаде ништо од животинско потекло.

Што најчесто јаде Новак Ѓоковиќ?

Во интервјуто, тој вели дека кога ќе стане прво пие чаша со млака вода и лимон, за детоксификација. Потоа на празен стомак пие сок од целер. Подоцна пие и едно зелено смути со различни алги, овошје и суплементи. Во првиот дел од денот јаде многу овошје и салати, бидејќи не сака да јаде храна која бара многу енергија за варење, особено во првата половина на денот кога се неговите тренинзи. Вели дека обично јаде житарки, киноа, спанаќ, просо, сладок и обичен компир, варен на пареа.“ 

Покрај храната тој обрнува големо внимание и на состојбата на ум и во тешки моменти, особено во одлучувачки моменти во натпреварите, тој се служи со техниката на свесно дишење, која според него е наједноставна, но најефективна техника која секогаш му пмага. Покрај тоа, тој вели дека води дневник, медитира, разговара со својот тим, родителите, сопругата и други животни советници. 

Тој додава: „Секој кој професионално се занимава со спорт знае колку труд и посветеност е потребно за резултати, не само во физичкиот, туку и во менталниот дел од играта, а тоа морате сами да го направите. Другите можат да ве разберат, охрабрат, да ви дадат алатки, но целата работа морате да ја направите сами.“

Погледнете го подолу првиот дел од интервјуто.