ЗАМП поднесе кривични пријави по одлуката на Министерството за култура

Здружението за заштита на авторските музички права (ЗАМП) до Јавното обвинителство поднело кривични пријави против одговорни лица во Министерството за култура поради основани сомневања за несовесно вршење на службата и злоупотреба на службената должност.

Ваквата реакција од ЗАМП стигнува откако Министерството за култура вчера соопшти дека ја укинува забраната за емитување на македонска музика.

„Од надзорот на Министерството за култура над Одлуката на Собранието на ЗАМП се констатира дека Одлуката не е во согласност со одредбите од Законот за авторското право и сродните права. Во согласност со член 157 став 1 од Законот, доколку во спроведување на надзорот над актите на организацијата за колективно управување Министерството за култура оцени дека општ или поединечен акт не е во согласност со Законот, Статутот, односно договорот за основање, со решение ќе го запре од извршување и ќе поведе постапка пред надлежниот суд за оцена на законитоста на актот“, стои во соопштението на Министерството за култура..

На ова од ЗАМП реагираат дека ќе ги преземат сите потребни правни дејствија за да си ги заштитат своите права и ќе поведат постапка против Решението на Министерството за култура.

„Поради незаконските одлуки на Министерството за култура и евентуалните повреди на моралните и материјалните права на авторите, препорачуваме трговските радиодифузни друштва да продолжат да се придржуваат до одлуките на авторите на ЗАМП сè додека Судот не донесе правосилна судска одлука или додека авторите во ЗАМП сами не ја стават надвор од сила забраната за јавно емитување музика“, стои во соопштението на ЗАМП.

Тие дополнително велат дека остануваат во сила и забраните што ги донесоа колективните организации од Србија, Хрватска, Словенија и Црна Гора. ОД ЗАМП велат дека ваквата одлука на Министерството е да ги сокрие непостапувањата кои се пропишани согасно Законот за авторски права и сродни права.

„Откако, по сите контроли што ги направија и уште ги прават, не успеаја да најдат криминали (како што изјавуваа) и неправилности, откако не успеаја да ги поделат авторите (иако не престануваат да го поттикнуваат тоа), неспособни да најдат конструктивно решение, се подготвуваат да го жртвуваат ЗАМП и по 70 години авторското право да го вратат на почетоците. Затоа македонските автори се единствени во одбраната на своите неприкосновени права“, се вели во нивната реакција.