„Вреди ли за три згради и профит да се уништи живот на 3.000 луѓе“: Гневни жители го критикуваат Јакимовски

Гневни жители на Козле тврдат дека в среда, 5 јули, градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски ќе направи напор да го смени деталниот урбанистички план Ј03 блок 02.

Жителите алармираат дека планот на Јакимовски бил детското игралиште, фонтаната и огромното зеленило покрај булеварот „Теодосиј Гологанов“ да го претвори во згради.

Во продолжение следи писмото на гневните жители.

- Овој план содржи сервисна улица пред зградите од булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, од број 149 до фабриката „Реплек“. Тоа е зелениот појас кој почнува од спротива на старата болница „Систина“ до „Реплек“, преку улица на студенскиот дом „Гоце Делчев“. Тука има игралиште за деца и фонтана и шеталиште за жители од 17 згради.

А, зад зградите на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, т.е. на улицата „Јуриј Гагарин“ каде што има паркинг за зградите и куќите, во план е да се прави сервисна улица до „Реплек“. Ова се прави со цел да се добие сообраќаен пристап за градежна парцела на која се наоѓа маркица за градење на 4 згради. Една зграда е со 11 ката и поткровје, една со 7 ката и поткровје и две згради со 6 ката и поткровје.

Се уништува зеленило со километри и се заменуваат паркинг места за 17 згради и 50 куќи со сервисна улица. Прашања до градоначалникот Стевче Јакимовски и до советниците кои ќе гласаат за овој предлог – Дали за ова ве избравме? Дали го заслужуваме ова? Дали вреди за 3 згради и профит за два-тројца да се уништува животот на 3.000 жители од „вашата“ oпштина? Утре ќе се поднесат потписи од огромна група на незадоволни граѓани за бришење на оваа точка од дневен ред, а воедно најавуваме и присуство на истите тие незадоволни граѓани на седницата на Општина Карпош в среда вo 10 часот во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент-Скопје, велат граѓаните во писмото.