Карпош имплементира проект за производство на соларна енергија во станбените згради

Општина Карпош од денеска и официјално стана дел од активностите на проектот „Sunrise“, кој е насочен кон развој на користењето на на обновливи извори на енергија во домаќинствата кои живеат во станбените згради.

Станува збор за проект којшто е финансиран од програмата од Европската климатска иницијатива (ЕУКИ), кој инаку е инструмент за финансирање на проекти на Германското федерално министерство за економски работи и климатска акција (BMWK). Во таа насока, партнер – имплементатор на проектот е Хабитат Македонија, а истиот ќе се спроведува во општините Карпош и Битола.

- Би констатирал дека ние како општина сме пионери во подобрување на енергетската ефикасност, како на објектите кои ги поседува локална самоуправа, така и на објектите за колективно и индивидуално домување. Пред сѐ, би сакал да изразам голема благодарност до Хабитат Македонија, бидејќи нашиот успех на ова поле се должи и на заедничката соработка со нив, која трае повеќе од една деценија. Од тој аспект, особено ми претставува задоволство што ги прошируваме овие активности и на полето на соларната енергија во колективните станбени згради. Ќе напоменам дека Карпош е меѓу првите општини во земјава која има активна програма за поставување на соларни панели на јавните објекти. Оттука, ме радува фактот што сме дел од овој проект и што ќе работиме заедно на унапредување на користењето на обновливи извори на енергија, а сето тоа оди во насока на нашите заложби за климатска неутралност, кажа градоначалникот Јакимовски.