Во тек е реконструкција на делницата од клучка Стајковци до клучка Мирковци во должина од 10 километри

Mинистерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, извршија увид во реконструкцијата на oбиколницата Скопје.

Како што информираат од ресорното министерство, во тек е реконструкција на делницата од клучка Стајковци до клучка Мирковци во должина од 10 километри, а станува збор за инвестиција од околу 600 илјади евра, средства обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта.

„Ова што сега се работи, всушност претставува дел од вкупниот инвестициски циклус во патната инфраструктура што се реализира во Република Македонија. Во моментов се реализираат проекти во висина од преку 800 милиони евра, што е историски највисока инвестиција во изградба и реконструкција на патната мрежа во земјава. Интензивно се работи на двата автопати, се работи и на изградба на четирите експресни патишта, на реконструкција и санација на регионални патишта, така да низ цела држава се случува една градежна офанзива“, изјави Сугарески.

Според директорот на ЈПДП, Зоран Китанов, сите проекти се реализираат во предвидените рокови.

„Сакам да информирам дека се завршени и тендерите за реконструкција на 31 регионален пат. Од нив, 12 патишта се со заем од Светска банка, 7 преку ЕБОР и останатите се со средства од буџетот на ЈПДП или вкупна должина од преку 360 километри. Очекувам оваа градежна сезона да почнеме со работа“, изјави Китанов.