ВМРО-ДПМНЕ: Успеавме да го спречиме поскапувањето на струјата

"Владата спречи зголемување на цената на струјата, ценовен шок, кој СДС и ДУИ го оставија", велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

Потсетуваат дека парламентарното мнозинство го донесе Законот за дополнување на Законот за енергетика со што се спречи зголемување на цената на струјата од 1 јули за домаќинствата и малите потрошувачи кои се на регулираниот пазар.

„Со СДС и ДУИ цената на струјата во изминатите 7 години се покачи и за 50 отсто. Секоја година имаше зголемување. Таа пракса ја спречи владата на ВМРО-ДПМНЕ. Нема повеќе галопирачко зголемување на цената на струјата. Граѓаните можат да бидат спокојни, владата на ВМРО-ДПМНЕ работи за енергетска стабилност на државата“, велат од партијата.

Во Собранието по скратена постапка беа изгласани измените и дополнувањата на Законот за енергетика поднесени од ВМРО-ДПМНЕ со кои наместо маржа од 11,5 отсто ќе се наплаќа маржа од 9,9 проценти. Со тоа, треба од 1 јули да нема поскапување на струјата односно тоа да биде минимално.