Вардарки подготвени за почетокот на новата сезона во Лигата на шампионите

Женскиот македонски ракометен првак Вардар за два дена ја започнува новата сезона во елитното континентално натпреварување каде ќе се обиде повторно да избори пласман на завршниот турнир.

Во новата сезона Вардар е во група со екипите на ФТЦ Реил Карго од Будимпешта, Ларвик од Норвешка и Турингер од Германија.

Прв противник на „црвено-црните“ ќе биде ФТЦ Реил Карго со кого лани, исто така во 1.коло во Скопје одиграа 27:27, а потоа следуваше серија од осум победи.

Во новата сезона Вардар влегува како европски вице првак со амбиција со нов чекор напред и конечно освојување на тронот.

Тренерот Ирина Дибирова посакува со победа да ја почне сезоната.

– Добро е што ја почнуваме Лигата на шампионите на домашен терен. Играме повторно против ФТЦ, а тие се добра екипа, еден од фаворитите за завршницата и Ф4 турнирот во Будимпешта. Имаат квалитетни играчи, минатата сезона загубивме бод на почетокот, затоа мора да дадеме се од себе за да ги израдуваме нашите навивачи, истакна Дибирова.

Не многу убав за око но борбен натпревар очекува десното крило на Вардар Јованка Радичевиќ.

– ФТЦ ни зема бод минатата сезона на домашен терен, сега повторно играме на почетокот против нив. Ќе биде психички тешко да се надигруваме поради значењето на првиот натпревар. Но, наша цел е да направиме чекор понапред од она што го постигнавме минатата година. Мора да одиме чекор по чекор, само со добар пристап и цврста одбрана може да се надеваме дека нема повторно да имаме проблем против силниот ФТЦ, рече Радичевиќ на денешната прес-конференција.

Таа ги повикува навивачи да дојдат „Јане Сандански“ и да му дадат поддршка на тимот кој веќе петта сезона е меѓу најдобрите во Лигата на шампионите.

Натпреварот е закажан за в петок (6 октомври) во 19 часот во СЦ „Јане Сандански”.