Утро е. Ја гледам. Сосема е во ред кога сонцето ќе ти ја врами среќата со светлина. Тоа е убавина. Убавина не е кога ќе облече танга, кога ќе отиде на фризер или кога нема целуит. Убавина е кога помеѓу тебе и вечноста повеќе не стои нешто минливо.

Затоа што тој момент, кога јас сум буден, а таа уште не, кога ја допирам со очи прекриени со златната боја на саботното претпладне, тоа е вечност. Момент кој никогаш нема да заврши. И ако таа некогаш отиде со некој друг, или ако отидам јас со друга, ние двајца ќе останеме тука, засекогаш во овој момент.

Убавина е кога помеѓу тебе и вечноста повеќе не стои нешто минливо.

Еден јас вечно ќе ја гледа во оваа соба за среќа, а една таа секогаш мирно ќе сонува на мојата рака. Како зошто? Па среќата е крајното одредиште на сите наши животи и кога ќе стигнеме таму, тоа е тоа. Нема понатаму.

Гравитацијата на среќата е бесконечна. Еве, дури и сега, кога станав од креветот за да пишувам, гледам дека сѐ уште сум покрај неа. Нејзините сонливи движења јасно говорат дека, што се однесува до неа, јас и понатаму лежам таму. Мека е и топла и 30000 пати попривлечна и попосакувана од сите затегнати божици на сексот на високи штикли.

Убавината не е гибаница па за неа да се дава рецепт. Убавината е крајно лична работа, еден момент помеѓу две личности. Сѐ останато е чист фотошоп.