Трикс, Гоца Тржан, Цена и Гоце САФ ќе ги забавуваат скопјани

Претстојниов викенд големата летна забава „Супер Скопје“ продолжува во Старата скопска чаршија.

Програмата за овој настан ја соопштија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и поголем број на сопственици и менаџери на угостителските објекти од Старата скопска чаршија.

- Минатиот викенд започна големата летна забава „Супер Скопје“, со концертите на Сергеј Четковиќ и Бајага и Инструктори на Кеј 13 Ноември. Овие концерти предизвикаа голем интерес кај скопјани и истите беа проследени од неколку илјади луѓе, со што имаме одлични впечатоци од првиод викенд на „Супер Скопје“. Овој викенд „Супер Скопје“ продолжува во Старата скопска чаршија, на две локации, каде во петок забавата ќе биде на плоштадот „Скендер бег“, додека во сабота истата ќе биде на просторот пред црквата „Свети Спас“. Ги повикувам скопјани да ја посетат Старата скопска чаршија и да уживаат во богатата музичка програма и забавата која ќе ја обезбедат изведувачите, како и на сето она што ни го пружаат угостителските објекти – кажа градоначалникот Трајановски.

Претставниците на угостителските објекти изразија благодарност до Градот Скопје за реализацијата на проектот „Супер Скопје“ бидејќи со истиот се подобрува културно-забавната понуда во Скопје и претставува одличен начин за да се зголеми бројот на посетителите на Старата скопска чаршија.

За потсетување, „Супер Скопје“ овој викенд ќе се одвива по следната програма:

- На 25 август (петок) забавата ќе биде на плоштадот Скендер Бег и ќе започне во 21 часот и каде ќе настапат Трикс (Trix), Гоца Тржан, Цена (Cena) и Гоце САФ.

- На 26 август (сабота) забавата ќе биде на плоштадот пред „Свети Спас“ каде забавата ќе започне во 21 часот и ќе настапат Офкестра (Offcestra), Фанки Гуру (Funky Guru), Енерџи бенд (Energi bend) и Фиц (Студени нозе).

Проектот „Супер Скопје“ доаѓа на предлог и иницијатива на сопственици и менаџерите на угостителски објекти од повеќе локации од Скопје, коикако најупатени директно беа инволвирани во изборот на изведувачите кои ќе настапуваат на соодветните локации.

Главен организатори на „Супер Скопје“ е ЈУ „Конгресен центар Александар Македонски“, а за реализацијата се задолжени „Горила Вајлд ентертејмент груп“ (Gorilla wild entertainment group).

За потсетување, согласно одлука на Советот на Град Скопје, вечерите кога се одржува „Супер Скопје“ работното време на угостителските локали е продолжен за еден час .