Светско музичко шоу со Гилан и Филхармонија во Скопје

Се најавува светско музичко шоу со Гилан и Филхармонија. „Smoke On The Water“, „Black Night“ и „Perfect Strangers“... се дел од легендарните нумери што ќе прозвучат пред македонската публика во ВИП-арената на „Борис Трајковски“.

- Со овој концерт сакаме да им излеземе во пресрет на сите оние што во изминативе неколку месеци чекаа и бараа од нас класичен рок-концерт. Она што можеме да го издвоиме е дека музичарите имаат многу технички барања и перфекција за звук, така што гарантираме одличен настан - најавија од „Авалон продукција“.

Гилан сè уште активно настапува и распродава концерти насекаде во светот. Само минатата година тој настапи во 48 земји - со „Дип парпле“ и како соло-изведувач.

Директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ, вели дека досега имале искуство со вакви слични концерти, но ова претставува навистина големо задоволство за нив.Концертот ќе трае час и половина, а на сцената ќе бидат педесетина музичари.
 
Гилан е роден во Хаунслоу, Англија. Уникатниот вокал на овој артист уште од самиот почеток е негов заштитен знак. На почетокот од музичката кариера тој бил под влијание на Елвис Присли, Литл Ричард, Бади Холи и други музичари од тој период.

Во 1969 година Гилан станува член на „Дип парпал“, тогаш кога оваа група го почнува својот најуспешен период.

Тој е познат и по улогата на Исус Христос во „Jesus Chhrist Superstar“, која е оригинално снимена во Лондон. Имал турнеи на дотогаш непознати територии. Исто така, ја толкувал улогата на Чарлс Дарвин во проектот на „Bolland&Bolland“ со наслов „Darwin- The Evolution“. Рок-легендата има два пати настапувано во дует со големиот Лучано Павароти во познатата арија „Nessun Dorma“.

Билетите за скопскиот концерт може да ги набавите на сите продажни места на „Купи карти за сè, како и онлајн на www.kupikartizase.com по цени од: 600 денари (трибини), 800 денари (Golden Seats партер и трибини) и 1.200 денари (ВИП).