Старите бараки станаа современи и модерни куќи: Козле урбана, елитна и мирна населба

Иако е само неколку минути оддалечена од центарот на градот, Козле е мирна населба. Секој ден е се посредено и поубаво. Голем дел од поранешните бараки (доделени по земјотресот) се реновираа во модерни куќи со убаво средени дворови. 

- Нема застои во сообраќајот, иако за сигнализација има само едни семафори на улица "Козле". Единствената автобуска линија на ЈСП " Скопје" која сообраќа во овој правец е автобусот со број 57, а жителите велат дека во моментов таа ги задоволува нивните секојдневни потреби, иако може да биде и подобро. 

- За едукација на учениците од прво до осмо одделение во населбава е Основното училиште "Владо Тасевски". За оние кои идната професија би им била од областа на угостителството, средното образование можат да го продолжат во средното угостителско училиште "Лазар Танев". 

- Најмалите се згрижени во две детски градинки. Едната се наоѓа веднаш до основното училиште, а другата во непосредна близина на слаткарницата " Канела". 

- Основните прехранбени продукти жителите ги набавуваат од малите дуќанчиња, кои се трудат да го понудат она што е најпотребно. За некои поголеми потреби, во непосредна близина на населбата е лоциран супермаркетот "Веро" и популарното пазарче во Тафталиџе.

 - Она по што многумина ја запознале оваа населба или, пак, слушнале за неа (за оние што не се од Скопје) е Институтот за белодробни заболувања за деца "Козле". Услугите на оваа здравствена установа можат да ги користат сите граѓани на Македонија.